На програмата „Крива Паланка град на културата за 2013“ од вчера (недела, 25 август) до вторник, 27 август е деветтиот Интернационален фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.
Фестивалот се одржува на градскиот плоштад, а Крива Паланка е домаќин на вкупно 16 фолклорни друштва и ансамбли од 7 држави: Романија, Белгија, Турција, Северен Кипар, Бугарија, Србија и Македонија.
На трите фестивалски вечери тие ги претставуваат пред кривопаланчани своите традиционални песни, игри и танци од сите краишта на земјите од кои доаѓаат. Особено значајно на годинешниот фестивал е учеството на Жиловите од Самбервил, Белгија, автентична карневалска група со уникатни костими и специфичен настап кои за првпат ќе гостуваат во Македонија .
Во 2011 година Крива Паланка и Самбервил отпочнаа постапка за збратимување, па во чест на соработката помеѓу двете општини, на фестивалот ќе присуствува и градоначалникот на Самбервил, Жан-Чарлс Луперто, кој на вториот ден од фестивалот, 26 август, на свечена седница на Советот на општината заедно со градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, ќе го потпишат официјалниот Меморандум за збратимување на двата града.