Тинејџерскиот роман „110 улици“ на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч од Скопје неодамна го објави ром,анот за повозрасни тинејџери „110 Улици“, од полската писателка Малгожата Гутовска – Адамчик, во превод од полски јазик на Анета Тодевска.

Романот претставува лесно и интересно четиво за животот и доживувањата на двајцата браќа – шеснаесетгодишниот Михал и дванаесетгодишниот Миколај, жители на Варшава. Главниот јунак Михал е момче кое живее безгрижен живот, меѓу другарите, родителите и наставниците е препознатлив како несериозно дете. Тој се интересира за супкул¬турната сцена, слуша хип-хоп, црта графити и вози скирол. Авторката вешто го отсликува ликот на Михал, но и на неговите врсници со помош на жаргонот кој го користат младите луѓе. Михал, градско дете, одеднаш ќе се пресели во малото гратче Грајево, кое според него е оддалечено светлосни години од Варшава. Грајево е токму гратчето кое има 110 улици и во кое Михал освен своите разочарувања, ќе ја доживее и својата прва љубов… И веќе не е ништо како што било…

Овој роман, кој во Полска е мошне популарен, истовремено е роман и за возрасните читатели, затоа што дава интересна проекција и перспектива на светот на современиот тинејџер. Малгожата Гутовска – Адамчик во 110 Улици не ко¬ристи поучителен тон, туку едноставно ја опишува реал¬носта на младите, без да ги осудува изборите кои ги прават тие.

Малгожата Гутовска – Адамчик е дипломиран театролог на варшавскиот универзитет. Таа е писател, новинар, филмски сценарист и историчар на театарот. Краток период била наставничка по полски и латински јазик. Гутовска – Адамчик е еден од најпознатите полски автори за литература за млади. Автор е на повеќе дела, од кои најпознати се 110 Улици, 220 Линии, Слаткарницата на Купидон и др.

You May Also Like