Студија од Етернијан во списанието „Сајбер литература“

Во новиот број на угледното научно списание „Сајбер литература“ е објавена книжевна студија од поетот, критичар и есеист Јовица Тасевски–Етернијан, посветена на поетскиот опус на еден од најзначајните современи македонски поети, Михаил Ренџов.

Етернијан во заклучокот на неговиот осврт со кој меѓународно се афирмира поезијата на Ренџов, истакнува дека „врвните поетски достигнувања на овој автор произлегуваат од неговата внедреност во јазикот, моќната имагинација и идејно-мотивското богатство што се протега од непосредното опкружување и внатрешните длабочини до метафизичките сфери“.

Минатата година во ова списание беше објавена книжевната студија „Писател од европски постмодерен формат“ од проф. д-р Венко Андоновски.

Неодамна беше испечатен и специјален број на „Сајбер литература“ составен од избрани текстови што претходно биле објавени во онлајн изданијата на списанието. Печатениот број го уредија д-р С. Киран и м-р С. Лакшми Џанави, одговорен уредник е проф. д-р Раџендрапрасад Шинде, а главен уредник на списанието е поетот и универзитетски професор д-р Чотелал Катри.

„Сајбер литература“ е референтно научно списание кое излегува на англиски јазик и во него се објавуваат научно-истражувачки трудови од областа на литературата, уметноста и општествено-хуманитарните науки. Членови на редакцијата се професори од неколку индиски универзитети, а издавачкиот совет има интернационален состав, предводен од проф. д-р Даниел Селден од Универзитетот на Калифорнија.

Текстовите што се објавуваат во „Сајбер литература“ се рецензирани, а списанието е вклучено во светскиот директориум на референтни научни списанија на слободен достап.

You May Also Like