Реконструкцијата на Стариот конак во Бигорскиот манастир во завршна фаза

Во рамките на вчерашната (четврток, 4 јули) работна посета на Дебар, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го посети и Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, каде што е во завршна фаза реконструкцијата на опожарениот дел.

Канческа-Милевска, во придружба на раководителката на процесот на реконструкција Ѓургица Лековска и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, од игуменот Партениј и отец Доситеј беше информирана дека целиот процес се одвива со одлична динамика.

Министерството за култура од 2009 година, кога и се случи опожарувањето на овој исклучително значаен споменик на културата, па сè до оваа 2013 година континуирано обезбедува средства за процесот на реконструкција. Во оваа пригода сакам да нагласам дека Стариот конак е со исклучително богата декорација, како на дрвото така и на каменот, и токму затоа е специфичен за реконструкција. Убедена сум дека во 2014 во летниот период ќе заврши целосната реконструкција на Стариот конак, по што ќе следуваат конзервацијата и реставрацијата на зачуваните фрески во машката терпезарија кои треба да бидат завршени до крајот на следната година, изјави министерката Канческа-Милевска.

Од 2009 година до овој момент се завршени повеќе клучни и комплексни активности. Завршена е конзервацијата на ѕидовите од камен на Стариот конак (Горниот палат), како и реконструкцијата на носивата дрвена конструкција од тремовите и чардаците. Стариот конак е покриен со камени плочи со што се врати автентичниот лик на овој објект. Исто така, извршена е реконструкција на апсидата од машката терпезарија. Во завршна фаза е и поставувањето на прозорци и врати од дрво кои сами по себе претставуваат уметничко дело и се доста специфични за изработка.

До крајот на годинава ќе се изработат декоративните огради на чардаците од Стариот конак кои, исто така, содржат специфична и декоративна пластика, а за осум месеци ќе бидат готови резбаните таваници кои претставуваат врвна естетика. Од особено значење е што се обезбедени најсовремени уреди за одржување на температурата и влажноста во галеријата на икони од 16 век во женската терпезарија која следната година ќе биде отворена за јавноста.

You May Also Like