Промовирано ДВД изданието за браќата Манаки во Битола

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа (понеделник, 16 септември) во Битола во рамките на 34-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ промовираше реставрирани и дигитализирани филмови на браќата Јанаки и Милтон Манаки, ДВД издание на Кинотека на Македонија.

На промоцијата во прес-центарот на ИФФК „Браќа Манаки“, министерката Канческа-Милевска посочи дека проектот е од национален интерес во областа на културата и е составен дел на програмата на Министерството за култура со кој се демонстрира грижата за богатото аудиовизуелно наследство што го поседува Македонија.

Токму во Битола, во градот во кој браќата Манаки создадоа непобитни фактографски и естетски вредности, во рамки на фестивалот кој ја вреднува естетиката на филмската камера, ги промовираме реставрираните и дигитализирани филмови на браќата Манаки, кои во голема мера го трасираа патот на балканската филмска историја. Овој проект е резултат на нашите заложби да обезбедиме вистински приод во заштитата на филмското наследство на Република Македонија. Проектот воедно потврдува дека нашата национална институција, Кинотека на Македонија, ги следи и исполнува меѓународните стандарди за заштита и реставрација на националното аудиовизуелно наследство и е во чекор со светските трендови за презентација на сопствената, национална кинематографија, истакна Канческа-Милевска.

Таа посочи дека процесот на дигитализација и дигитална реставрација на националното аудиовизуелно наследство започнала во 2011 година, како неопходен зафат во развојот на новите технологии за заштита, чување и презентација на културното наследство.

Дигитализацијата, која е една од основните цели на стратегиите за културно наследство на Европската Унија, ја препознавме како значаен елемент во изградбата и развојот на информатичкото општество и општеството на знаење, сегмент кој претставува значаен фактор во остварувањето на културната политика и на културниот развој на земјата. Реставрираните и дигитализирани филмови на браќата Манаки се несомнено голема придобивка за македонската култура. Опусот кој тие го оставија зад себе е научна вистина за балканската не само филмска, туку и културна историја, потенцираше Канческа-Милевска.

На промоцијата, директорката на Кинотеката на Македонија,  Мими Ѓоргоска-Илиевска, прецизираше дека согласно  со  програмските цели на Кинотеката и огромната поддршка и заложбите за заштита на аудиовизуелното наследство на Министерството за култура, дигитализацијата на македонската филмска продукција ќе продолжи да се реализира како долгорочен проект  за  дигитална реставрација на нашето аудиовизуелно наследство.

Процесот на дигитализација и дигитална реставрација на националното аудиовизуелно наследство во РМ, кој е еден од приоритетите на Министерството за култура, почна во 2011 година, како неопходен зафат во развојот на новите технологии за заштита, чување и презентација на културното наследство. Минатата година беше промовиран и првиот завршен проект од овој вид,  дигиталната реставрација на филмскиот опус на македонскиот режисер Столе Попов. Беше промовирана  и луксузна колекција со 5 ДВД- изданија на која се претставени дигитално реставрирани 4 играни и три документарни филмови на овој еминентен режисер, бард на македонскиот филм. Во завршна фаза е и дигитализацијата и дигиталната реставрација на филмот МАКЕДОНИЈА ВО СЛИКИ,1923 на Арсениј Јовков, со што следната година ќе биде промовирано уште едно значајно ДВД-издание кое ќе биде репрезентативен примерок за сите вљубеници во седмата уметност.

You May Also Like