Од 23 август до 3 септември во Богданци шеста година по ред ќе се одржи единствената графичка работилница на Балканот.
Годинава од 23-ти август до 3-ти септември во Богданци, традиционално по шести пат ќе се одржи меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот. На неа учество ќе земат 16 млади автори од Македонија и од странство од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Нови Пазар, Сараево, Љубљана, Загреб и Софија.
Од Печатница „Софија“, која е организатор на работилницата, велат дека целта на работилницата е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и услови за реализација на нивните дела, бидејќи поради условите во кои се работи, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион. Ментор на годинешнава работилница ќе биде реномираниот професор Звонко Тилиќ, шеф на одделот за графика на Академијата во Нови Сад.
Завршните дела ќе бидат изложени во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а по завршувањето на работилницата се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија, како и во други земји на Балканот.
Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа над 90 млади уметници од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија и Хрватска.
На Фејсбук страницата www.facebook.com/graphicartsofija секојдневно ќе се објавуваат информации и фотографии за текот на Графичката работилница.
Организатор e Печатницата “Софија” Богданци.