Познати победниците на Конкурсот „Поезија во глувата соба“

Костадин Ѓероски, Ѓорѓе Јовановиќ и Марија Панева  се тројцата победници на Конкурсот „Поезија во глувата соба“ што го распишува Универзитетското радио на УКИМ – Студент фм 92.9

Во периодот од 18 декември 2012 година до 8 јануари 2013 Студент фм 92.9 – радиото на УКИМ, по втор пат го распиша конкурсот за најдобар млад поет дебитант „Поезија во глувата соба“, на кој можеа да учествуваат сите студенти на возраст до 25 години.

До крајниот рок на нашата адреса пристигнаа творби од 16 млади поети што сметаме дека е успех, бидејќи се работи за иницијална поддршка на младата поезија преку радио-етерот и за Конкурс кој има тенденција да прерасне во традиција.

Образложение:
Општиот впечаток е дека во речиси сите поетски ракописи доминираат егзистенцијалистичките прашања и љубовните мотиви, третирани преку слободниот, неврзан стих. Од пристигнатите ракописи, стиховите на тројца поети беа избрани за највпечатливи:

Костадин Ѓероски – поради звучноста на стихот, употребата на рима и користењето на постапката интертекстуалност во широк културолошки контекст; Ѓорѓе Јовановиќ – поради строгите, прецизи и јасни слики и умешното црпење мотиви од митологијата; Марија Панева – поради умешното третирање на егзистинцијални теми и впечатливиот лирски субјект кој често се обидува да биде непристрасен набљудувач отстрана.

Пристигнатите дела ги оценуваше тричлено жири во состав: м-р Александра Јуруковска книжевен критичар и новинар, асс.д-р  Даниела Блажевска – асиситент по комуникациски теории и Игор Смилевски – новинар во културната редакција на Студент ФМ 92.9

Тројцата првонагардени ќе учествуваат во поетскиот радио-слем „Поезија во глувата соба“ што ќе биде изведен и емитуван токму на Студент ФМ 92.9 – радиото на УКИМ.

You May Also Like