Вечерва (вторник, 9 јули) во 20:00 часот во Народниот театар – Битола ќе биде изведена пародијата „Ни ваму, ни таму“ со актерите Љупчо Тодоровски – Упа и Симеон Дамевски – Мони – самостоен проект изведен во МНТ.
Со едноставна и скромна сценографија и костимографија, впрочем како што се речиси сите самостојни и камерни претстави, но со силен емотивен набој, ангажирани пораки и привлечна игра, изведбата на дуодрамата “Ни таму, ни ваму” со актерите Љупчо Тодоровски – Упа и Симеон Дамевски – Мони, на сцената од Македонскиот народен театар, никого не остави рамнодушен. Напротив, двајцата актери имаат создадено актерски ликови, кои се надополнуваат и надградуваат, па не случајно добиваат аплаузи на отворена сцена, но и на крајот од изведбата која протечува во спонтана, природна и доживеана игра.
Основната тема на претставата “Ни таму, ни ваму”, како што сугерира и самиот наслов е дијаспората и гастарбајтерството, односно соочувањето на двајца релативно млади луѓе од Македонија кои се среќаваат на аеродромот (без и веднаш да се препознаат дека се школски другари), при што едниот разочаран се враќа во татковината по претрпениот брачен бродолом, а другиот исто така со речиси идентична животна судбина штотуку тргнува на далечниот печалбарски пат.
За првиот (Александар) – Америка е разочарување, а за вториот (Ице) – таа е сон и обратно: за едниот Македонија претставува повторна надеж, а за другиот – таа претставува место за неуспех и бегство. При вкрстувањето и проткајувањето на нивните приказни, полни со незадоволства и ретки радости, но и пресврти и копнежи, драмата “Ни таму, ни ваму” мошне жестоко и суптилно проговара за нашата груба и сурова реалност, но и за ветените земји на Запад, каде очигледно веќе не цветаат рози.
Повратникот од странство е полн со оптимизам дека во родниот крај ќе купи стар хотел во Струга, ќе го реновира, ќе основа ново семејство и конечно ќе започне да живее нов живот, а новопечениот емигрант пак, ќе започне да ја учи гастарбајтерската азбука и среќата и парите ќе ги побара во непознатите градови и држави, исправен пред сосема нови предизвици и искушенија.
Дамевски и Тодоровски мошне пластично и уверливо го одмотуваат клопчето на нивните животни стории, и премногу урбани и слични, но и трагични и патетични, па трагиката се претвора во комика, а носталгијата и меланхолијата – во револт и скепса за слученото и сонуваното.
Убава, реална, успешна дијалошка претстава – вистинска современа и провокативна дуодрама.