Денеска (17 септември 2013 година, вторник) во Gallery MC во Њујорк ќе се отвори изложба на Ангел Димовски Чауш со наслов Артефакт. Приемот на посетителите за отворањето на изложбата е од 18:00 до 20:00 часот.
Творештвото на Ангел Димовски – Чауш во изминативе четири децении сведочи за импресивно мултимедијално творештво, каде е присутна основната идеја и мотив за концептот на неговите преокупации и личниот уметнички ракопис. Тој твори во различни медиуми и изразни ликовни дисциплини (цртеж, колаж, графика, како и слики-објекти во комбинирана техника), но скулптурата останува неговата примарна одредница.
Творештвото на Димовски генерира и суптилно варира од современата западно-европска уметност преку влијанија од големиот опсег на синкретичната уметност од минатите периоди на развој на уметноста и традициите. Основа во неговата перцепција е инспирацијата од најдалечното минато (влијанието на предисториските Венери и археолошки артефакти), блиското минато (влијанијата на афричката уметност) и секако денешницата, но примарно е да се напомене дека многу од делата се базирани на предисториската пластика и артефакти најдени на тлото на денешна Македонија интерпретирани во современа ликовна изразност.
Димовски трансформирајќи ги историските артефакти во нивната визуелна опсервација воспоставува современ дијалог со минатото, создавајќи надреалистички асоцијативни зооморфни форми. Тој процес на редефинирање на видливата содржина во надреална е акцентиран со збиен психолошки набој и еклектицизам во неговата материјализација. Во имагинативниот вознес и надреалната перцепција секогаш е содржана реалноста. Пристапот во постапката на реализација на цртежите во новата ликовна транскрипција е плод на личната поетика со што дава препознатлив печат на неговите дела.
Мотивот во скулптурите на Ангел Димовски е широк, но жената е основниот мотив која е интерпретирана во разни модификации на фигуративен и асоцијативен антропомoрфизам. Стилизирањето на човековата конкретност произведува слободна асоцијативно-антропоморфна пластична биоморфна форма каде се видливи деформитети или нагласувања на одредени делови од телото.
Она што Ангел Димовски – Чауш го прави посебен во однос на другите автори е експресивноста и личните естетски белези со што партиципира во презентацијата на македонската култура и уметност во рецентниот свет на уметноста и се приклучува во актуелните случувања на светската ликовна сцена.
Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски