Концертот ќе се одржи вечерва (среда, 31 јули) во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во стандардниот термин од 21:00 часот.
Вечерва (среда, 31 јули) на „Охридско лето“, во „Св. Софија“, концерт ќе одржат тројцата уметници – Џафер Џафери на виолина од Македонија, Николас Алтстает на виолончело од Германија и Хозе Галардо на пијано од Аргентина. На програмата се дела од Хајдн, Бетовен и Брамс.
Џафер Џафери почнал да учи виолина во Македонија, но го продолжил образованието во европските земји, завршувајќи го Конзерваториумот „Петер Корнелиус“ во Мајнц, како и во Фиренца со Павел Верников и во Манхајм со Дора Брачкова. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и грантови од фондациите за поддршка на млади таленти, вклучително и правото да свири на виолина од кремонскиот мајстор Панормо (1760).
Николас Алстает е еден од најуспешните млади уметници на денешнината. Како последен студент на Борис Пергаменшчиков во Берлин, а потоа на Еберхард Фелтц, тој се закити со многубројни меѓународни награди и почна успешна кариера со забележителни проекти, меѓу кои е изведбата на Шумановиот концерт со Виенската филхармонија под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн. Тој е еден од малкуте европски уметници кој беше член на Здружението на камерната музика на Линколн центарот во Њујорк од 2009 до 2012 година.
Хозе Галардо, пак, по успесите на многубројните меѓународни натпревари, остварува турнеи и настапи на престижни фестивали, вклучително и на фестивалот на камерна музика во Локенхаус, фестивалите во Вербје, Луцерн и др. Како камерен музичар, Галардо соработува со истакнати уметници од Европа, Азија, Израел, Океанија, Јужна Америка…, како Гидон Кремер, Џошуа Бел, Линус Рот, Барнаба Келемен…