МКЦ се реконструира

Започна големата реконструкција на Младинскиот културен центар во Скопје, и се очекува реновирањето да заврши најдоцна до први септември годинава.

Во наредниве шест месеци ќе се изврши реконструкција на покривот, на фасадата и на тоалетите.  За реконструкција на Младинскиот културен центар обезбедени се околу 33 милиони денари (533.000 евра). Со цел сеопфатна реконструкција на МКЦ од Буџетот на Градот Скопје во изминативе три години беа потрошени околу 8.300.00 денари, а само во 2011 година се планира, за реновирање на ентериерот и влезното фоаје, да бидат потрошени околу 7.000.000 денари. Со ова вкупната инвестиција за реконструкција на МКЦ ќе изнесува околу 49.000.000 денари.
Градежните зафати нема да влијаат врз одржувањето на редовната програма на МКЦ и врз традиционалните манифестации коишто се одвиваат во тековната година.
Средствата за реконструкцијата се обезбедени од Европската комисија и од Буџетот на Град Скопје преку програмата ИПА – развој на локална инфраструктура. За оваа намена Град Скопје од Буџетот издвои околу 85% од вкупната сума финансиски средства планирани за реновирање на една од културните установи во негова надлежност, додека преостанатите петнаесеттина проценти ги обезбеди преку ИПА програмата.
Младинскиот културен центар постои од 1972 година и во овие четири децении не се направени некои поголеми реконструктивни зафати.

You May Also Like