Манаки на „Манаки“

На годинешното издание на ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“ филмовите на браќата Манаки ќе блеснат во досега невидено светло – дигитално реставрирани.

На 16-ти септември во 19:00 часот во Центарот за култура во Битола, најпрвин ќе биде извршена презентација и промоција на најновото ДВД од и за браќата Манаки. На промоцијата со свои излагања ќе истапат г-ѓа Елизабета Канческа Милевка, министер во Владата на РМ, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, директор на Кинотеката на Македонија и м-р Игор Старделов, раководител на филмскиот архив во Кинотека на Македонија.

Потоа во 20:00 часот следува проекција на дигитално реставрираните филмови на браќата придружувани во живо со музиката на м-р Благој Маротов и Бојан Маротов.

Ваквите проекти кои се дел од Националната програмата на Министерството за култура директно ја потврдуваат важноста на Препораката на УНЕСКО за чување, заштита и конзервација на подвижните слики.

По повод својот 35-годишен јубилеј, Кинотеката на Македонија пред две години го реализира својот прв проект на дигитална реставрација проследен со соодветно ДВД-издание (филмовите на Столе Попов). Но тоа е само почеток на реализација на долгорочниот план и проект за дигитализација и дигитална реставрација на македонското аудиовизуелно наследство. Согласно поставените програмски цели и стратегијата за заштита на аудиовизуелното наследство и секако заложбите за следење на брзиот развој на дигиталните технологии, еве уште еден завршен проект на дигитална реставрација. Овојпат, тоа е целокупниот филмски опус на браќата Манаки – првите сниматели на Балканот, основоположниците на македонската филмска историја.

Во текот на 2012 и 2013 година Кинотеката на Македонија, во Унгарската филмска лабораторија, во Будимпешта, го реализираше проектот за дигитализација и дигитална реставрација на целокупното филмско наследство на браќата Јанаки и Милтон Манаки. Самата постапка на дигиталната реставрација е како во најдобрите ресторани, може да се смета за уметност, или, наспроти тоа, за деловна тајна. Во оваа постапка секој филм е приказна за себе. Потребни се многу тестови, контроли, проверки, затоа што секој филм е различен, секој филм има свое ниво на оштетување.

Кинотеката на Македонија во соработка со ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“ ќе прикаже и ретроспектива на опусот на македонскиот режисер Кирил Ценевски.

You May Also Like