Македонскиот културен центар во Њујорк, САД познат уште и како Gallery MC традиционално е дел од годишната програма за остварување на национален интерес во културата на Министерството за култура.
Центарот за култура веќе десет години ги запознава граѓаните на Њујорк со културата и уметноста како и со културното наследство и културните вредности на Република Македонија. Досега во Центарот кој претставува простор за презентации и промоција на македонската современа култура, но и место за размена на искуства и соработка меѓу уметниците реализирани се над 100 проекти на македонски уметници кои предизвикаа голем интерес и внимание кај њујоршката културна јавност. Потврда за тоа е и фактот што настаните во Gallery MC се одбележани и рецензирани и во најпознатите културни списанија како Newyorker, NY Times, Time Out, Art Forum, Gallery Guide.
И оваа година во Македонскиот културен центар во Њујорк со поддршка на Министерството за култура успешно се реализираат проекти на македонски уметници, со што продолжува традицијата на континуирано претставување на македонската култура во една од најважните светски културни метрополи. Согласно годишната програма на Министерството за кутура поддржани се вкупно 22 проекти, од кои досега се реализирани 9, додека останатите ќе се реализираат до крајот на годинава.
Од музичката програма со целовечерни концерти во Њујорк се претставија пијанистката Ана Гацева со изведба на дела од македонски и странски автори, како и пијано концертот на пијанистката Ема Потевска.
Концертии одржаа и ансамблот „Мелоритам од Балканот“ и „Скопскиот Дувачки квинтет“ кој успешно се претстави и во Bohemian National Hall по повод одбележувањето на 20 годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите Нации. Од музичките настани реализирани со поддршка на Министерството за култура голем интерес предизвикаа концертите на Дуке Бојаџиев и Васко Дуковски.
Македоската ликовна сцена во Македонскиот културен центар во Њујорк беше претставена со изложбите на ликовните уметници Благојче Наумовски Бане, Џелил Руфати, Нафи Јашари и Решат Амети, како и младите Нухи Зејнулах и Бурим Укиќ.
Особено големо внимание во јавноста предизвикаа проектот на Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска „NATURA MORTA“, и изложбата „Македонски фолклор“ на веќе докажаниот македонски уметник Гордана Вренцоска.
До крајот на годината во Културно информативниот центар во Њујорк ќе се реализираат уште 13 проекти меѓу кои: изложба на студентски плакат „Скопје постер“ во организација на здружението на граѓани од областа на графичкиот дизајн, филм и мултимедија „Плакарт“, изложбите „Уметност на хартија“ на Владимир Темков, Ангел Димовски, Борис Шемов, Игор Сековски и Радмила Ончевска, на Константин Качев, изложбата „Африка прв пат“ на Марин Димески како и самостојната изложба „Сингулар“ на македонскиот уметник Антони Мазневски. Во Њујорк во наредниот период ќе биде презентиран литературниот проект на Игор Крајчев „Промоција на младата македонска поезија и проза“, проектот „Соблекување“ на Марија Пупуческа и Кокан Димушески, пијано концертот на Дуња Иванова, концертот на камерениот ансамбл „Арс“, а за љубителите на звукот на класичната гитара уметникот Дарко Багески ќе се претстави со проектот „Македонска рапсодија“. Воедно во Македонскиот културен центар во Њујорк ќе биде претставен и проектот „Денови на македонското културно наследство“ на „Грамофон продукција“.
Она што е од особено значење за Македонскиот културен центар во Њујорк е отворањето на новиот простор до крајот на годината, со што значително ќе се зголеми изложбениот капацитет на Центарот. Воедно за следната година во близина на Центарот предвидено е отворање на „Градина на скулптурата“. Во оваа галерија на отворено Gallery MC во соработка со општината планирано е да организира изложби на скулптури на македонски уметници, но и на уметници од светот.