Кларинетистот Васко Дуковски последните две недели е дел од тимот кој стои позади “Светскиот оркестар за мир”.
Дуковски во улога на диригент го водеше оркастарот за време на пробите и подготовките за големиот концерт кој се одржа на 10 Септември во познатиот Линколн Центар во Њујорк. На концертот настапија 134 млади музичари од 50 држави од Светот под диригентската палка на познатиот Литвански диригент Гинтарас Ринкевичиус (Gintaras Rinkevičius), а придружувани од светски реномираниот виолинист Александар Марков.
Оркестарот беше претставен од страна на оскаровецот Кевин Спејси. “Светскиот оркестар за мир” е ново формирана организација која соединува млади талентирани музичари од целиот Свет на годишен концерт во Њујорк со цел да ја покаже обединувачката моќ на музиката која ги надминува сите социјални и културни граници.
Овие млади лидери преку музиката ќе го промовираат мирот и еднаквоста на луѓето без разлика на нивната културна, политичка и етничка определеност. Првичната цел на концертот е да се стимулира хармонијата меѓу луѓето со помош на нивната заедничка љубов кон музиката.
Дуковски за време на соработката со овој оркестар имаше средба со една од најпознатите новинарки во Светот Рита Козби, која воедно е и добитник на многу награди меѓу кои и три “Emmy Awards” и во моментов е една од најчитаните автори во Америка. Пробите ги посети и познатиот американски физичар со индиско потекло Дипак Чопра (Deepak Chopra) кој музиката и другите уметности ги опиша како јазик на душата на секој еден човек кои на еден магичен начин ја будат свеста на луѓето и го прославуваат единството на човештвото. Дипак Чопра е автор на 70 дела, вклучувајќи 21 бестселер според “New York Times” и е добитник на многу награди за своето дело.
Дел од пробите на оркестарот кои ги водеше Дуковски, беа претставени на вестите на телевизијата FOX .
Дуковски уште еднаш докажа дека е голем музички талент кој нема граници во полето на музиката, виртуоз кој вешто умее своето знаење, талентот, креативноста и инспирацијата да ги однесе на врвот во својата професија. Заедно со сите овие светски познати личности, како дел од проектот на “Светскиот Оркестар за Мир”, Дуковски преку универзалниот јазик на музиката создава еден креативен пат до мир во Светот.
Покрај соработката со “Светскиот Оркестар за Мир”, Васко Дуковски изминатите месеци сними нов албум со групата “TavChe GravChe” кој набрзо ќе излезе во етер. Во меѓувреме Дуковски работи на уште два албума, едниот е во соработка со познатата Чешка пејачка и текстописец Марта Топферова, а другиот со македонскиот кларинетист Исмаил Лумановски и македонскиот композитор и текстописец Бојан Ѓошевски.
Македонската публика ќе има можност да го слуша Дуковски на концертот со Македонска Филхармонија кој ќе се одржи на 28 Ноември во Скопје.