Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Филмскиот фонд Дарко Башевски вчеравечер во Градската општа болница „8-ми Септември“ присуствуваа на снимањето на сцени од новиот македонски долгометражен игран филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, хрватскиот актер Ведран Живолиќ и Наташа Петровиќ, а во екипата се и Владо Јовановски, Тони Михајловски, актерите од Бугарија Красимира Кузманова и Александар Сано, хрватскиот актер Горан Навојец и Александра Балмазовиќ од Словенија. Директор на фотографијата е Дејан Димески, сценограф е Игор Тошевски, а костимографи се Катерина Колимбатовиќ и Невена Чакловиќ.
Филмот „Лазар“ е финансиски поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија, хрватскиот Аудиовизуелен центар, Националниот филмски центар на Бугарија, СЕЕ Синема нетворк, Аризона дистрибјушн и од европскиот фонд „Еуроимаж“. Изразувајќи го своето задоволство од присуството на сетот, министерката за култура го потенцираше значењето на филмската продукција како значаен сегмент од областа на културата на Република Македонија.
„Евидентен е фактот дека од година во година се зголемува бројот на снимени филмови, кои учествуваат на повеќе филмски фестивали, а македонската јавност има можност да проследи филмови од најновата македонска филмска продукција. Министерството за култура и Владата на Република Македонија и во иднина ќе ја поддржуваат филмската продукција со цел да се поддржат што повеќе режисери, повеќе продуценти и, секако, повеќе филмови“, истакна Канческа-Милевска.
Според министерката за култура, со измените и новиот Закон за Филмскиот фонд, ќе се обезбеди поголема поддршка за македонското филмско производство и за копродукциски проекти. Истовремено, предвидени се и повеќе поволности за привлекување странски продуценти кои би снимале во Република Македонија и би ги користеле нашите природни убавини. Една од поволностите е и можноста за враќање на ДДВ од 20 проценти. Таа истакна дека постои и голема заинтересираност за изградба на филмско студио во Република Македонија.