Вечерва (вторник, 9 јули) во 21:00 часот во галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка, ќе биде отворена изложбата „Б-линии“ под кураторство на македонскиот уметник Јован Балов, во рамки на „Скопско лето“.
Под наслов „Б-линии“ вечерва во 21:00 часот во галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка, ќе биде отворена изложба под кураторство на Јован Балов на која ќе бидат презентирани слики и цртежи на хартија на вкупно 15 автори од цел свет кои живеат или изложувале во Берлин. На изложбата ќе бидат изложени дела на уметниците: Арчи Галентц , Мартин Јуеф, Даниел Самбо Рихтер, Ловро Артуковиќ, Ана Матовска, Димитар Христов, Лаура Брус, Малте Брантс, Свења Шифлер, Каролина Гилнер, Генија Шеф, Нина и Торстен Ромер, како и на кураторот Јован Балов.
„Она што мене посебно ме фасцинираше во последните пет години во Берлин е прекрасната нова продукција на реалистично сликарство, а целата оваа изложба е токму презентација на таквата извонредно богата продукција на современи содржини на сликарството и цртежот...“, рече Балов на вчерашниот прес.
Во Кинотека на Македонија од 21:00 часот ќе биде прикажан филмот „Девет“ во режија на Роб Маршал, во кој во главните улоги ги толкуваат: Дениел Деј-Луис, Марион Котијар, Пенелопи Круз, Никол Кидман… Филмот е номиниран четири пати за „Оскар“ и пет пати за „Златен глобус“.