Ќе бидат изложени педесетина дела настанати во периодот 1950 -1980. работени во различни ликовни техники. Вниманието на изложбата најповече е насочено кон периодот на енформелот од седмата деценија на 20 – ти век како и на акварелите кои тогаш тој интензивно ги работи.
Изложбата на Владимир Георги Спасов „Мојот ликовен ракопис“ ќе биде отворена денеска (вторник, 28 октомври 2014) во 20:00 часот во Музејот на град Скопје.
Спасов како и целата генерација сликари кои во тој период се изразуваат преку енформелот (Анастасов, Мазев, Лозаноски, Јанкуловски, Крстевски, Сековски, Траиковски, Трајковски, Шијак, Чемерски и др.), како генерација која што туку настапува на ликовната сцена и со тоа настапување ја формира модерноста на средината во која дејствува, овој правец го третираат како модел на проективноста, што е определба која има подлабока општествена функција. Тие дејствуваат под светлината на модерноста а таа, до денешен ден, ги осмислува и ги оправдува нивните сликарски таленти. Впечаток е дека забрзувањето кое македонската ликовна уметност го добила во овој период пресудно влијаела врз релевантните остварувања кои следеле понатака.
За среќа, бројот на сочувани акварели од овој период (во оваа техника Спасов најповеќе ќе се изразува и во наредните децении) е поголем. Како техника во нив не може да бараме блискост со енформелот но тие поседуваат некаков редок сензибилитет за водената реалност на акварелот.
Изложбата и каталогот кој ја следи е организирана со цел да се спаси од заборавот едно релевантно творештво кое немало сопствена валоризација. Како и во повеќе случаи со уметниците од споменатата генерација бројот на сочувани дела е многу мал, а има тенденција и да исчезне во целина. Делата на Владимир Георги Спасов се реален и релевантен дел од историјата на македонската современа ликовна уметност и заслужуваат општествена грижа и внимание.
Владимир Георги Спасов е роден на 01. 07. 1933. во Велес. Завршил Виша педагошка школа во Скопје – ликовен смер со историја на уметноста во 1963. Покрај сликарството паралено професионално се занимавал и со театарска дејнос во периодот 1954 -1959 во тогашниот Куклено младинско детски театар. Од 1964. до пензионирањето во 2000 година работел како артист/аниматор во тогашната РТ Скопје (денес МТВ).
Од 1957. почнува да учествува на голем број групни изложби во земјата и странство. Член е на ДЛУМ од 1964. и со мал искулучок учетвувал на скоро сите негови годишни изложби. Спасов најповеќе се изразува преку акварелот, но во текот на неговото творештво тој се занимавал и со техниките масло на платно и панел, потоа различни комбинирани техники и помал број на цртежи.