Дела од македонскиот уметник Зоран Попоски ќе бидат изложени на 30-то Биенале на графика во Љубљана, Словенија, кое ќе се одржи во периодот од 14 септември до 24 ноември 2013.
Биеналето ќе се одржува во Меѓународниот графички ликовен центар, Музејот на модерна уметност плус Музејот на современа уметност Метелкова, Галеријата Цанкарјев Дом и Галеријата Јакопич – Музеи и галерии на Љубљана.
На Биеналето ќе биде претставена современата графичка продукција преку делата на 30-тина меѓународни уметници, вклучително и некои од најпознатите светски имиња на полето на современата визуелна уметност како Герхард Рихтер, Риркрит Тираванија, Алора и Калзадија, Марјетица Потрч, Шу Бинг, итн.
Куратор на овогодишното јубилејно издание на Биеналето на графика во Љубљана е познатата американска кураторка Дебора Кален, директорка и главна кураторка на Уметничката галерија при Универзитетот Колумбија во Њујорк.