“Зад аголот” на Османли догодина ќе биде објавен во Турција

Истанбулската издавачка куќа “ЕСЕН КИТАП” потпиша договор со македонскиот писател Томислав Османли…

Под уредништво на Нихал Инвер од истанбулското книгоиздателство, преводот на современиот македонски роман го потпишува македонскиот преведувач Мехмед Јонуз.

Романот “Зад аголот” на Томислав Османли идната година ќе биде објавена во Турција во издание на “Есен Китап” од Истанбул. Нашиот автор деновиве го потпиша авторскиот договор кој предвидува тираж од 3,000 примероци само во првото издание. Истанбулскиот издавач веќе реализира договор и со Мехмед Јонуз, истакнат преведувач на турски јазик од Македонија.

-Многу сме среќни и нестрпливи да го видиме ова книжевно дело објавено на турски – истакна Нихал Инвер, уредничка на книгоиздателството “Есен Китап” од Истанбул – Ова е инаку прв пат да објавуваме книга на автор од Македонија. Како ‘Есен Китап’, цел н& е да објавуваме книжевни дела од сите јазици под заедничкиот наслов ‘Литература на светот’. Романот ‘Зад аголот’ со своите добро разработени ликови и места на случување ќе биде значаен дел од таа серија. Соработката со неговиот автор н# прави особено горди.

Инаку книгоиздателството ‘Есен Китап’ е основано 2009 година. Куќата која ја води млад, образуван и енергичен тим уредници, се отвора кон широка палета објави, која опфаќа книги на истражувања и развој, мемоари, биографии, трилери и мистерии, графички новели, книги за деца, популарната наука и – современа белетристика.

Современиот македонски роман “Зад аголот” е прозна книга со сложена градба и динамичка речиси филмска нарација во чии рамки се развиваат девет приказни, и хронотоп кој има опфат од јонската и атичката антика, до современа Европа, Азија и Америка, со фокус на 1999 година, симболички последната година на стариот век и епоха. “Зад аголот” открива своевиден геометриски, и едновремено неопределен судбински концепт. Ликовите се крајно необични: антички филозофи, современи пост-комунистички интелектуалци, ориентални архитекти, аскети од моќни дискретни светски клубови, обични селани наеднаш претворени во воени жртви, млади луѓе со скршени надежи… и бројни човечки души во севозможни временски преселби, сите учесници во незавршената трагикомична драма од “последниот чин” на минатиот век.

-Како возбудлива повест за феноменот на изненадувањето, за историските и секојденвните игри на случаите, романот разоткрива една геометрија од повисок ранг чија жртва е човекот низ столетијата, особено во современоста – вели авторот Томислав Османли

– Иако е напишан две години подоцна, “Зад аголот” е на извесен начин првиот дел од мојот претходен роман “Дваесет и првиот”. Оттука негов наслов може да биде и – на крајот од Дваесеттиот…

Романот “Зад аголот” се појави кон крајот на 2012 година во едицијата “Протеј” на “Магор” од Скопје, а минатата година беше финалист на домашните прозни награди. Своите исклучително високи оценки за романот до сега ги искажаа акад. Ферид Мухиќ, д-р Јелена Лужина, д-р Александар Прокопиев и д-р Васил Тоциновски во објави во Македонија, а на меѓународните книжевно-теориски симпозиуми и д-р Владимир Мартиновски и д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Инаку, при неодамнешната презентација пред литературните скаути одржана во “Магор” во рамките на второто издание на книжевниот фестивал “Про-за Балкан”, за романот на Османли интересирање искажаа посредувачките агенти од Велика Британија и Швајцарија.

You May Also Like