Дуковски и Митриќески во жирито на „Браќа Манаки“

Жирито и на главната програма и на програмата Нови визии е сочинета од потврдени и почитувани имиња од светот на филмот и на уметноста.

За четирите високо ценети статуетки Камера 300 (златна, сребрена, бронзена, мала) именувани во чест на сподвижниците на македонскиот и на балканскиот филм, браќата Манаки од Битола, и за наградата Нови визии ќе одлучуваат врвни светски кинематографери, режисери, сценаристи, продуценти, но и членови на жирија на големите филмски фестивали, писатели, новинари, критичари, публицисти, универзитетски професори, научни истражувачи.

Така, претседател на петчленото интернационално жири на главната програма ќе биде шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин (роден 1938), снимателска легенда, додека останатите членови се:

Елма Татарагиќ (родена 1976), основач на Филмскиот фестивал во Сараево, каде моментално е селекторка на главната програма.

Дејан Дуковски (роден 1965), драмски писател и сценарист од Република Македонија. Предавал на Одделот за филмско и телевизиско сценарио при Факултетот за драмски уметности во Скопје. Неговите драми се преведени на повеќе јазици и се изведувани во светските театри.

Проф. д-р Божидар Манов (роден 1947) е водечки бугарски филмски критичар и публицист со интернационално реноме. Декан е на Факултетот за филм при Државната академија за театарски и филмски уметности во Софија. Манов е преведувач на романите на писателот Гоце Смилевски од македонски на бугарски.

Амнон Злајет е еден од најактивните и најбарани израелски кинематографери од  средната генерација. Бил кинематографер на десетици играни филмови, како и редица документарци, ТВ-серии, музички спотови, реклами.

Претседател на тричленото жири пак, на програмата Нови визии која е натпреварувачка од 2011 година ќе биде Антонио Митриќески, македонскиот режисер и професор по филмска и телевизиска режија.

Останатите членови на жирито се и двете дами:

Шахла Нахид, доктор по социјална психологија, новинарка и филмска критичарка на Радио Франс интернешенел.

Андроника Мартонова, бугарска филмска критичарка и истражувачка на азискиот филм. Професорка е на Институтот за уметнички студии, а со предавања гостува и на други факултети и академии во Бугарија.

 

—————————–

 

34. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември 2013 година во Битола и ќе биде отворено со премиера на македонскиот филм Соба со пијано на режисерот Игор Иванов. Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013, а француската снимателка Ањес Годар на специјалната награда „Златна камера“ за особен придонес во светската филмска уметност.

You May Also Like