Под наслов „Македонска книжевност“, на Третата програма на Радио Белград во тек е објавувањето делови од наградениот македонски роман „Дваесет и првиот“, на Томислав Османли.
Делото кое во 2010 година ја доби наградата за роман на годината на „Утрински весник“, а потоа и кандидатурата за „Балканика“, на уметничката програма на Радио Белград се објавува подолго време во рамките на рубриката „Ракописи“, а е селектиран меѓу поголем број релевантни предлози од различни издавачки куќи. Објавувањето на делови од македонскиот роман „Дваесет и првиот“ на Третата програма на Радио Белград, се одвива под уредништво на Иван Миленковиќ.
На веб страницата на културно-уметничката програма на Радио Белград 3 стои забележано дека „романот Дваесет и првиот е сместен во транзициско Скопје во кое младите луѓе се борат со немаштина, беспреспективност, политички ирационалности, но и со сопствените емоции. Да се замине или да се остане, е една од дилемите на ликовите во овој роман.“
Инаку романот на Томислав Османли на оваа престижна уметничка програма ќе се објавува до 1ви август годинава, а годинава треба да се појави во издание на белградскаата куќа „Стубови културе“, во превод на српски јазик на Зоран Ж. Пауновиќ.
Како што е познато, преводот на овој роман на хрватски јазик неодамна беше промовиран во Загреб во издание на книгоиздателството „Сандорф“ и проследен со пофални критички осврти. Едновремено со ова во тек е подготовката на уште еден регионален превод на овој роман на Томислав Османли.