На 16.05.2013 година (четврток) со почеток во 20:00 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложбата на слики на авторката Анка Данаиловска.
Биографија на Анка Данаиловска
—1972 родена во Куманово
—1989 Завршила средно училиште за применета уметност
—1995 Завршила ФЛУ- во Скопје на графички оддел во класата на професорот Димче Николов
—1997 Член е на ДЛУМ – Друштво на ликовни уметници на Македонија
—2005 Магистерски студии во Софија, Р. Бугарија на графички оддел кај професори Стојан Стојанов и Здравко Стојанов
Студиски престој
—2000 вo Cite Internationale des Arts –Париз- Франција
—2006 вo New York, USA
Самостојни изложби
—1997 во Куманово
—1998 во Скопје
—2002 во Париз, (Франција) Струмица, Куманово – ( Македонија)
—2004 во Софија Р. Бугарија
—2005 во Скопје, Куманово
—2006 во Марибор – Словенија, во Берлин, Германија
—2007 во Гевгелија
—2009 во Скопје
—2010 во Софија
—2012 во Скопје во Кафе – галерија 8
—2012 во Скопје во Кафе Ли
Награди
—1998 Откупна награда на Галеријата Мијачки Зографи
—1998 Награда за Мал формат на ДЛУМ
—2000 Откупна награда за цртеж од НУБ
—2000 Голема графичка награда на ДЛУМ
—2002 Награда за графика Димче Николов
—2003 Награда за Цртеж Никола Мартиновски
—2005 Откупна награда за Графика за тв. Телма
Учествува на повеќе национални и интернационални групни изложби и ликовни колонии и проекти.
По повеќегодишното отсуство од галериските простори во родниот град Куманово, графичарката Анка Данаиловска со својата најнова изложба на слики со насло “ Каменот раскажува… “ нè враќа во времето кога оваа авторка беше препознаена од пошироката публика како уметник кој развива оригинални ликовни концепти пред сè на полето на графичката уметност, паралелно остварувајќи притоа и забележителни дела од областа на сликарството и цртежот. И, ако тогаш детектиравме повеќе развојни насоки во кои оваа авторка можеше да се развива, денеска сме сведоци на финализирање на тие идеи во заокружени целини – авторски истражени во целост и дадени на увид на ликовната критика и публика.
Една од тие насоки беше и фасцинацијата на авторката од каменот кој најпрвин срамежливо се појавуваше на нејзините рани трудови за од 2004 па наваму биде еден од елементите на кои Данаиловска ќе го гради својот авторски идентитет. Иако, визуелно, се работи за објект кој не е многу атрактивен за претставување (каменот во својата необработена форма), со инвентивниот пристап на Данаиловска работите на платното драстично се менуваат и каменот како поединец или, пак, како мултиплициран ентитет ја презема улогата на наратор на приказните кои се предмет на интересирање на авторката. Симболиката на каменот (цврст, констатен и траен), кој е замена за човекот (непостојан, честопати недоследен и временски лимитиран) е обид за фокусирање на вниманието на гледачот на проблематизирањето на меѓусебните односи и релации на чинителите во избраната сторија. Секако, истата е дадена преку призмата на личното искуство, но со горе посочената постапка е направен обид за издигнување на персоналното читање на степен на универзалното разбирање и споделување. Оттука и чувството за леснотија при техничката реализација на делата кои се вака содржински конципирани, со издиференцирани правила на игра, изграден ликовен вокабулар и препознатлива визуелно-естетска поетика.
Самата претстава на каменот како носечки елемент од страна на Данаиловска е мошне специфичен, и ако се фокусираме на истиот ќе забележиме дека покрај белата боја којашто го претставува светлото и прави илузија на волумен присутни се и голем број на други бои (окер, сина, кафеава, црвена…) со што се добива чувство дека во безживотниот камен сепак постои топлина и знаци на живот. Ако кон ова ја додадеме и постапката на ставање на каменот во разни просторно – композициски релации и контексти со висечки табли, текстови, текстил, детски цртежи, станува јасно дека се отвара нов дискурс којшто може да најави дополнителни истражувања во таа насока.
Каменот како материјал е присутен во сите фази на човековиот развој и е користен најповеќе како градежен материјал и материјал за изработка на разни употребни алатки но и како предмет кој честопати имал мистично значење. Познато е верувањето на многу древни народи во таинствената моќ на каменот кадешто истиот е симбол на трајноста, цврстината и мудроста, толкуван како сеопшта божја присутност, имун на уништувањето на забот на времето…
Каменот од природата како нем сведок на случувањата на нашата планета за момент е преселен на платната на Анка Данаиловска и сведочи за нашето присуство при споделувањето на најновите дела на оваа авторка од која, пак, очекуваме и во понатамошниот период инспиративни настапи на македонската ликовна сцена…
Роберт Цветковски, историчар на уметноста