Издавачката куќа „Макавеј“ од Скопје, ја објави стихозбирката „Брегот отспротива (десет години отпосле)“ од Фабијано Алборгети, добитник на Швајцарската награда за литература (2018). Препевот, поткрепен од меѓународната книжевна мрежа „Традуки“, го направи истакнатата македонска поетеса Наташа Сарџоска.
- „Оваа поетска збирка настанала необично. Нејзините песни се записи што се темелат на три години што авторот ги поминал со нелегални имигранти. Зад секоја песна стои оригинален глас што пее за уникатно доживување. Сведочејќи секакви неволји и неизвесности со кои се соочувале имигрантите, поетот нив ги преточил во живописни портрети на нивното неизвесно секојдневие додека јадел со нив, додека чекал во редици со нив, додека ги придружувал во полиција за да си ги обноват документите – со други зборови – додека живеел со нив“, коментира уредникот на изданието Владимир Цветкоски.
Книгата на швајцарскиот лауреат ќе може да се најде во книжарниците на „Или-Или“, „Култура“ и „Антолог“.
Фабијано Алборгети (1970) е поет и културен промотор. Пишува на италијански јазик и живее во Тичино (Швајцарија). Објавил пет книги поезија. Неговите песни се преведени на повеќе од десет јазици и се појавуваат во списанија, антологии или како самостојни книги. Покрај соработката со различни издавачки куќи, тој е уметнички директор за Швајцарија за Италија на поетскиот фестивал PoesiaPresente. Од 2014 до 2017 година бил главен уредник на списанието за поезија Ателје.
Постојано ги промовира преведувачките проекти на швајцарски и италијански поети во странство и обратно.
Од мај 2017 година, тој е во Одборот на директори на Швајцарското друштво на писатели и претседател е на Домот на литературата на „Свисера италијана“ со седиште во Лугано. Во 2018 година ја освои Швајцарската награда за литература. Оваа година, швајцарскиот радиодифузен сервис го емитуваше во целост неговиот роман во стихови Maiser како радио драма.
Благодарение на швајцарскиот совет за уметност Pro Helvetia и Министерството за надворешни работи на Швајцарската конфедерација, тој официјално го претставува Тичино, Швајцарија и италијанскиот јазик на фестивалите дома и во странство.
(извор на фото на биографија)