Денеска и утре (16 и 17 август) во Велество се одржува 25-та Поетска ноќ во Велестово.
Денеска во 21:00 часот ќе биде претставен групен портрет на младата македонска поезија, преку читања на 14 млади македонски поети, родени периодот помеѓу 80-те и 90-те години од минатиот век. Ќе настапат: Славица Гаџова, Жарко Кујунџиски, Ѓоко Здравески, Мане Манушев, Марта Марковска, Анета Василева, Анета Попова, Снежана Стојчевска, Гаврило Миловановиќ, Иван Антоновски, Драгана Евтимова, Ненад Јолдески, Винета Огненовска и Душко Крстевски.
Вечерта ќе биде збогатена со мал музички концерт на ансамблот Билјана од Охрид. По поетското читање, годинава ќе биде претставена изложба на академскиот сликар Александар Станковски, со наслов „Поетика и политика“. Вечерта ќе заврши со коктел.
На интернационалната вечер на 17ти август, ќе читаат поетите: Одвиг Клив од Норвешка, Татјана Данилијанц од Русија, Игор Тиш од Словачка, Поли Муканова и Роман Кисјов од Бугарија и Жељко Миловиќ од Црна Гора.
Ви претставуваме стихови од Одвиг Клив:
Беше еднаш едно време
кога ти беше универзумот
Ќе ги истегнев екстремитетите
И ти беше насекаде
Бев завиена во твоите движења како во лулка
Ќе ја отворев устата и ќе те вкусев
Беше еднаш едно време
кога ние бевме
само ние две
ние две ние
две
xxx
Полека годините се расплетуваат
претрчувајќи низ ридовите како
овци на пролет
Се наведнуваш
да ме бакнеш нежно
в чело
И се смееме заедно
за времето што си игра
во треперливата рана летна светлина
————
Одвиг Клив е родена во 1954г. Автор е на девет поетски книги, осум книги за деца и три поетски препеви на книги од поети од Англија, Палестина и Иран. Има учествувано на бројни интернационални поетски фестивали, меѓу кои Струшките вечери на поезијата и Поетска ноќ во Велестово. Нејзините песни до сега се препеани на арапски, англиски, француски, шпански, персиски, кинески, гаелик ирски, хинду и др. индиски јазици, романски и македонски јазик. Таа, сто така, е и автор на сценарија, како и режисер на голем број кратки филмови. Нејзините филмови се прикажувани на филмски фестивали во Европа, Америка и Индија. Одвиг Клив е прогласена за национален норвешки уметник. Живее и твори во Ставангер, но потекнува од Хардангер, Норвешка.