Љупка Стефановска е дипломиран етнокореолог од Битола, еден од ретките истражувачи во Македонија која истовремено истражувала и изработила антрополошка анализа на жената во орото кај Мијаците, Брсјаците и Шопите, територија на која се распространети и различните ора карактеристични за соодветните подрачја.
Мијаци, Брсјаци и Шописе етноними и егзоними со кои луѓето и денес се обраќаат на одредени населени места на територијата на Македонија. Мијаците се заедница која се простира во западниот дел на Македонија и го зафака западното игроорно подрачје, кое се карактеризира со голем број на ороводни песни, но и неми ора. Брсјаците зафаќаат најголем дел од територијата на државата, централното и југозападното игроорно подрачје, кое во однос на орото се карактеризира со поголема слобода при изведувањето, особено на брсјачката жена, додека пак Шопите се протегаат на исток од реката Вардар и го зафаќаат источното игроорно подрачје или Горновардарската и Шопско-брегалничката етнографска целина.
Според етнокореологот Стефановска во македонските народни ора, жената има посебно значење, како од аспект на нејзината поставеност во однос на другите играчи и улогата во орото, начинот на држење на телото, па и самиот начин на изведување на орото. Но, не секогаш и секаде жената била слободна во игрите и не смеела да покаже колку можела да биде слободна наспроти се што изведуваат мажите.
-Женските народни ора може да се изведуваат со музичка придружба, со пеење, како и без музичка придружба, и тоа се т.н. неми ора. Немите ора се зачувани само кај Мијаците и таму невестите играат молчешкум без музичка придружба, а ритам им даваат парите од низалките на појасот кои прават звук. Мијачката жена својата смиреност, срамежливост и скромност, ја искажува и при играњето, а во нејзиниот стил на играње се забележува изразена елеганција и грациозност. Мијачките жени, појаснува Стефановска играат мирно и воздржано, носејќи облека со вез, сребро и злато која може да тежи и до 15 килограми.
За традиционалниот начин при изведување на ората кај Брсјачката жена, постојат снимени материјали од познатата „Кaмера 300“ на Браќата Манаки. Слободата на Брсјачката жена кога игра оро се гледа во начинот на држење за рака, за појас, за горните облеки под пазувите, па дури и за рамо. Брсјачките жени, во тешките ора имале право да изведуваат соло фигури на вртење исто како и мажите ороводци. Според истражувањата на Стефановска, и кај Шопската жена, се забележува патријархалност при изведување на орото исто како кај Мијачката и Брсјачката жена. Стилот на играње кај Шопската жена е елегантен, без потскоци, но со нијансирање на темпото во орото.
Прочитај повеќе… ТУКА
Извор: МИА.мк