Вистинските писатели веруваат во културна размена, а не во псевдоисторија

  • Јас, не познавам ниту еден бугарски писател кој одбил да биде преведен на македонски. Ниту пак некој од македонските писатели рекол: „Не сакам да бидам преведен на бугарски“. Затоа можам да речам дека навистина станува збор за амбасадори на културата – вели за cooltura.mk Душко Крстевски кој за дестина години превел повеќе од дваесет современи прозни дела од бугарски на македонски јазик.

На неодамна одржаната научна конференција на далечина „Бугарија- Македонија – Словенија: „Литературниот превод во целната култура и во образованието“, организирана од страна Софискиот универзитет „Свети Климент “, а со поддршка на Љубљанскиот универзитет и познатата македонистка проф. Намита Субиото. Учество зедоа и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, Соња Должан (преведувачка од словенечки на македонски и обратно) и Душко Крстевски преведувач од бугарски на македонски јазик.

Нивниот заеднички труд „За преведувањето како сукцесивно приспособување кон различните културни вредности“ предизвика големо внимание, но сепак „ѕвезда“ на конференцијата, според зборовите на проф. Мојсова – Чепишевска бил преведувачот Крстевски.

Токму за сличностите и сродностите кои се и најголемите предизвици при преводот, неуморниот Крстевски вели:

  • Со преведувањето од бугарски на македонски јазик се занимавам повеќе од десетина години и секоја нова книга е нов предизвик и проблем. Секој текст си бара ново истражување околу поетиката на авторот што се преведува. Вокабуларот на секој од нив е поразличен од оној на другиот. Внесуваат и помалку користени зборови, жаргон, дијалектизми. Да не ги заборавиме и „лажните пријатели“ (false friends), исти зборови кои во различни јазици имаат различни значења. На пример, зборот вреден кај нас значи трудољубив, додека во бугарскиот јазик е со значење на штетен, некорисен. Поради тоа, многумина сметаат дека поради јазичната блискост, секој може да преведува од српски, бугарски, македонски, хрватски итн. За елементарна комуникација, тоа можеби е така, но книжевните преводи се комплексни што бараат подетално проучување на јазикот. Одлични се писателите кои кога пишуваат се грижат за нивниот потенцијален читател. Но, најдобри се оние кои додека пишуваат размислуваат и се грижат и за својот преведувач. Се трудат нивните раскази и романи да звучат добро и убаво на друг јазик, да можат да се најдат одлични јазични еквиваленти, па макар тоа да биде и на јазик од истото јазично семејство. Но, постојат и автори кои поради свои естетски начела, користат почуден зборовен арсенал неразбирилив ни за родените говорители и внесуваа сложени синтаксички решенија за кои не сме сигурни дали се книжевен експеримент или книжевна грешка. Таквиот превод одвај и може да се приближи до оригиналот, на некои места делува вештачки, претенциозно, изнасилено. Доколку преведувачот кој одлично или многу добро го познава јазикот, мора во рамките на една реченица, пет пати да се консултура со толковни речници, таквиот превод ќе биде сериозно послаб од оригиналниот текст – потенцира Крстевски.

За преведувачот постојат и културолошки предизвици. Доколку не се познаваат секојдневието, општествениот и политичкиот контекст, поп културата, трендовските музики, серии, реклами и слично нема да можат да се разберат текстот и контекстот, а со тоа и да се преведат.

    • Во книгите на Алек Попов, Захари Карабашлиев и Георги Господинов има многу слики и епизоди од социјалистичкото секојдневие, секојдневието на Источниот блок: цигарите што се пушеле во тоа време, телевизиските емисии што се гледале, музиката што се слушала, соковите и слатките што се купувале во продавниците, грамофоните и старите советски телевизори и др. Само помислете сега, обратно, колку прашања ќе треба да си постави, пак, бугарскиот преведувач доколку треба да преведе текст од македонски, српски или хрватски јазик каде што како референци се јавуваат „Бранко коцка коцкица“, серијата „Бољи живот“, кремот Ципирипи, алузијата во некои песни од Бјело дугме, Леб и сол, ЕКВ и слично. Нивното социјалистичко секојдневие било поразлично од нашето. Тоа тешко се преведува. Се преведуваат како зборови, но не и како емоција. Оттаму и покрај тоа што нè дели само една граница, културолошки поради разликите меѓу Југославија и Источниот блок (иако оттогаш се поминати триесет години) има огромни празнини во културната размена.

Крстевски е оптимист дека работите се менуваат на подобро, бидејќи во последните дваесет години бугарските писатели знаат многу повеќе за македонските писатели и обратно. На неизбежното прашање пак за актуелното негирање на македонскиот јазик од страна на бугарските лингвисти, Крстевски потенцира:

      • Негирањето на македонскиот јазик од страна на бугарските лингвисти е сепак повеќе политички проблем, отколку лингвистички. Соработките постојат со организирање и учество на конференции, симпозиуми, семинари, летни школи, студентски размени итн. Повеќе пати сум бил на летните школи за бугарски јазик, литература и култура и со секое ново одење сфаќам колку не знаеме едни за други и колку понекогаш сме робови на некои стереотипи. Железната завеса повеќе ја нема, официјално, ама има многу работи кои едни за други не можеме да ги видиме или одбиваме да ги видиме. Оттука и политичките, историските, јазичните комисии, сите тие се во тешка позиција кога треба да се преговара за некои прашања. За среќа, писателите се во многу подобра позиција. Познавам многу македонски писатели што биле на писателски фестивали и резиденции во Бугарија и обратно, бугарски писатели кај нас. Тоа се луѓе кои вистински ја сакаат литературата, комуницираат и се зближуваат преку неа и се грижат да бидат преведени на македонски јазик за да се прошири нивниот збор – го споделува со нас богатото искуство во преводот но и учеството на бројни семинари, школи за бугарски јазик и култура еден од најактивните преведувачи кај нас.

Прашањето за (не)постоењето на македонскиот јазик е бесмислено и за неговата колешка од Љубљанскиот универзитет Намита Субиото, инаку главен „виновник“ за меѓуниверзитетските научни конференции (Скопје – Софија-Љубљана) и интеркултурниот дијалог меѓу нив.

Познатата македонистка е децидна:

      • Негирањето на македонскиот јазик е апсурд! Македонскиот јазик е кодифициран во 1944 година врз основа на завршените први две фази на процесот на нормирање (селекцијата и дескрипцијата) и оттогаш се развива според сите принципи на развој на еден стандарден јазик со сите функционални стилови. Сето тоа е докажано во науката, а македонскиот јазик ја покажува својата моќ и убавина и во уметничката литература. Неговото негирање е апсурд. Штета е да трошиме скапоцено време и енергија за повторувања на едни и исти констатации, наместо да се насочиме кон меѓусебно запознавање и истражување на оние современи (и класични) уметнички творби, кои, наместо да зрачат, останале во сенка на недоволен интерес и(ли) недоразбирања – објаснува истакната македонистка од Словенија.

Јас искрено верувам во тоа дека образованието, литература и културата имаат моќ да застанат над политиката, над која било политика! – е ставот и на професорката од УКИМ, Мојсова-Чепишевска, посебно по успешните научни конференции.

      • Треба да се работи на можноста за запознавање на литературите и културите на јужнословенските јазици во духот на она што студентите веќе го имаат со ЕРАЗМУС, преку искуството на изучување на тие избрани јазици, литератури и култури во другите универзитетски центри каде се вдомени Катедрите по јужнославистика и македонистика. Притоа сите тие универзитетски центри треба да учествуваат во дефинирањето на нивната диплома. Ни треба многу енергија, зашто и премногу години изгубивме очекувајќи вистински политички придвижувања/приближувања – вели проф. Мојсова-Чепишевска.

Придвижувањата како и секогаш најлесно ги прават уметниците и писателите – вели преведувачот Крстевски:

      • Јас, не познавам ниту еден бугарски писател кој одбил да биде преведен на македонски. Ниту пак некој од македонските писатели рекол: „Не сакам да бидам преведен на бугарски“. Затоа можам да речам дека навистина станува збор за амбасадори на културата. Вистинските писатели веруваат во културна размена, а не во ретуширани митови и псевдоисторија – Душко Крстевски кој во моментов работи на преводот на една збирка на превод на дел од неговите сценаријата што Алек Попов ги пишува за култната тв-серија „Преспав“ и на книга од Калин Терзијски.

 

подготвила:
Александра Јуруковска

You May Also Like