Во некои краишта на Македонија како на пример во струшкиот, демирхисарскиот, охридскиот крај и други обредните игри со маски се играат на верскиот празник Свети Василиј Велики – Василица (стара Нова година) кој исто така се нарекува Сурова.
Според верскиот календар овој празник се празнува на 14 јануари. Според авторот Алимпије Анѓелски Вевчанскиот карневал (кој е на празникот Василица и кој е една понова варијанта на Василичарските игри или поточно на Василичарскиот обред) води потекло од игрите на словенските пагански племиња кои што се играле во чест на богот Перун. Овие игри се играат со цел годината да биде среќна и весела, летото да даде род и бериќет а лугето на печалба да поминат лесно и богато.
Подготовките за Сурова или Василица започнувале уште претходниот ден, кога момчињата ги бркаат кучињата од селото и ги маваат со стапови. Според некои информатори тоа се прави за кучињата да можат полесно да ја презимат (поточно да ја преживеат) зимата, а според други кучињата се тепаат и истеруваат од селото, за да бидат потсетени на својата должност, да ги гонат волците, кои се надвор од селото.
Вечерта спроти Василица се приготвувала обредна вечера, на која, на вообичаено на трпезата треба да има и некои посебни јадења како на пример: пача или баница со свински црева (некаде баницата се носела на стожерот и се вртеле околу него – за летото да вее ветер при вршидбата). Од вечерта ергените се припремаат за наредниод ден кога исто како џамаларите ги обиколуваат куќите. Но, суроварите се разликуваат од џамаларите не само по името туку и по маскирањето, улогите на учесниците, времето на посетување на куќите.
Суроварите обиколките во куќите ги започнувале уште од вечерта. Тие во рацете носеле посебно направени кречала, односно тропала. Направени биле од чаталесто дрво, кое се дупчи на две места, потоа во чаталот се вметнувале и други дрвца. На тие дрвца се наметнувале конци од тенекија или дрво, а некои и се кителе. Во селата имало некое верување дека господ ги праќал децата со тие тропалки да одат на Ѓаволовата врата и таму да тропаат за да го уплашат Ѓаволот.
Исто така дреновите гранчиња (суроваски) кои го ниселе во рацете освен за одбрана од кучиња, им служеле и за давање на благослови и додворување; во куќите ги мавале сите со суроваската за да бидат здрави како дрен, кога ќе ги сретнеле селските девојки суроварите ги мавале со своите суроваски, со што ги обележувале како свои идни невести.
Исто така кога ќе влезеле во куќата со своите суроваски, буричкале во жарот од огништето. Притоа водачот на суроварите (во некои предели наречен бајач) кажувал благослови како на пример:
„Добра вечер! Вали ви се нова година, с’с мушки телиња, с’с женски јариња, сурија овци, сурија свињи, ергела коњи! С‘с црвен грозд на лозу, с‘с голем клас на њиву! Колко трешке – толко ќерке, колко клинчиќи – толко синчиќи, колко лемезнички – толко невестички! Колко у село куќички – толко на газо унучќи“
На суроварите се настојува да им се даде од се по нешто, за годината тоа и да се роди. Додека си заминуваат некој треба да ги гаѓа со едната половина од недогорениот бадник. Ова има неколку верувања: за да има бериќет, за од болви. По завршувањето на обиколката тие се збираат во една куќа каде од добиените подароци прават заедничка гозба. Меѓу народот исто така е познато дека две групи суровари несмеат да се сретнат. Доколку се сретнат имало тешка борба, а понекогаш од таа борба имало и смртни последици. За таквите борби сеуште сведочат суроварските гробишта (кај с.Туралево, Кратовско).
Но, подоцна тие судири биле избегнувани на тој начин што водачите на дружините се договарале да ги скршат своите стапови, а потоа на мирен начин се разминувале.
Автор: Драган Спасов