Промоција на книги на Наталија Андријевска и Бобан Карапејовски

Промоцијата на книгите „Прилози за македонската глаголска префиксација“ на Наталија Андријевска и „Јазикот и стварноста“ на Бобан Карапејовски, во Салонот 19,19 вечерва (понеделник, 4 март 2019), со почеток во 19 часот и 19 минути.

Во понеделник, 4 март 2019, со почеток во 19,19 часот, во Салонот 19,19 на КИЦ-Скопје, ќе се одржи промоција на книгите „Прилози за македонската глаголска префиксација“ на Наталија Андријевска и „ Јазикот и стварноста“ на Бобан Карапејовски.

Книгите се во издание на Книгоиздателството МИ-АН од Скопје, а промоцијата е во соработка со Културно-информативниот центар на Скопје.

Промотори на „Прилози за македонската глаголска префиксација“ се Димитар Пандев и Катица Трајковска, а за „Јазикот и стварноста“ ќе зборуваат Марјан Марковиќ и Емилија Црвенковска.

Книгата на д-р Наталија Андријевска „Прилози за македонската глаголска префиксација – традиција и континуитет“ претставува значаен придонес за проучувањето на историското зборообразување на македонскиот јазик, со што се потврдува континуитетот на писмениот јазик од црковнословенскиот период до денес.

Книгата на м-р Бобан Карапејовски „Јазикот и стварноста“ е значаен прилог кон проучувањето на една важна особеност на македонскиот јазик, а тоа е местото на заменските клитики. Македонскиот јазик, според специфичната употреба на заменските клитики, се изделува како во рамките на словенското јазично семејство, така и во рамките на балканскиот јазичен сојуз и поради тоа е важно еден ваков труд да биде достапен и за домашната и за странската научна јавност.

Трудот е поткрепен со теориски пристап, а илустриран со примери од македонската литература и од живиот јазик. Особено е значајно што во овој труд е застапен и компаративниот метод, па така, во споредба со околните словенски и несловенски јазици, се согледуваат посебностите во системот на македонските заменски клитики.

You May Also Like