Кога при правењето на сирењето ќе се забележи дека нешто не е како што треба, водата ја прекрстуваат со китка од Богородичина трева и со неа го попрскуваат сирењето.
– Кога за прв пат се пали оган за варење млеко, на огнот се ставаат 40 дрва (сачки) кои се собрани оној ден, кога за прв по отелувањето кравата се пуштила на паша.
– Кога ќе се отели кравата на телето му се става ѓубре во устата, за тоа подоцна се да јаде (да не биде пребирливо на храната). Домаќинката меси колач (кравај) и го дели на луѓето. По некој на телето му врзува и ѓердан.
Воопшто кога ќе се отели кравата, не се пушта од кошарата два дена. Дури третиот ден ја истеруваат да паси. Оној што тогаш му ја дотерал на говедарот, ги собира погоре споменатите 40 дрвца за првиот оган (за варење на првото млеко).
– Кога ќе се измолзи првото млеко, постои обичај, со бургија да се направи мала дупка во ноќвите и таа дупка да се замачка со маст, добиена од првото млеко. По некој сосема ги продупува ноќвите и тоа место го замачкува со маст.
– Кога се стрижат овците прво се стрижи овца што е сосема бела. Нејзиното руво се беси на зелена гранка, за волната пак да порасне.
– Кога на овците им се дава сол (и мекици) за да биде масно млекото, во мекиците се ставаат разни треви, а и вода, која е на Ѓурѓовден во црквата пеана. Таа вода специјално за тоа се чува.
– Кога кравите или овците ќе се измолзат за прв пат, треба млекото да мине низ сребрен прстен, за стоката да биде млечна.
– За изведување пилиња се ставаат непарен број јајца и тоа во следниве денови: среда, сабота или недела. За пилињата да бидат булкарести (убави со булка на главата) жената што ги насадува јајцата се забулува со марама.
-Кога се ројат пчелите, за ројот побрзо да влезе во новата кошница, ја намачкуваат со трева маточина. Откако ројот веќе влегол во кошницата, ја закитуваат со цвеќе и ја завиваат со бело платно.
-Кога за прв пат започнуваат да ораат, се внимава орачот да има чиста облека (за и родот да е чист). – Тогаш се месат три погачи кој се продупчени во форма на геврек. Од нив две им се стават на воловите на роговите. Кога ќе се изора првата бразда, погачите се симнуваат од роговите и им се даваат на воловите да ги изедат, а третата погача ја јаде орачот. – Тој ден ништо од дома не се изнесува ниту пак некому се дава.
– Кога се копа бунар или темел за куќата, домаќинот фрла сребрена пара.
Кога за прв пат се пали оган во нова куќа, се вика свештеникот, кој претходно ќе се прекрсти – потоа ќе го запали.
Од книгата „Малешево и Малешевци“ од Јеремије Павловиќ, Београд 1929 г.