Методија Андонов Ченто е роден на 17 август 1902 година во Прилеп во типично работничко македонско семејство кое живее под жезлото на заедничката држава Кралството СХС. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Ченто е олицетворение на цела една генерација Македонци кои не престанале да живеат и работат за независна, смаостојна и обединета Македонија во нејзините етнографски граници.
Роден е на 17 август 1902 година во Прилеп во близина на денешниот фудбалски стадион како прво здраво дете по неколкуте починати деца на неговите родители Андон, кој бил по потекло од прилепското село Леништа, и Захарија (Зака), која била по потекло од прилепското село Плетвар. Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња.
Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост. Учествува на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на списокот на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. На изборите во 1938 година од вкупниот број гласови дадени за кандидатите на опозицијата, Ченто добива најмногу, но не бил избран за пратеник поради државната манипулација со изборниот систем.
Ченто бил еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп (1940), за што бил затворен во затворот во Велика Кикинда. Во 1940 година се залага за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно е затворен и интерниран во Баина Башта, при што е осуден на смрт. Дури и е одведен на стрелање, но е ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.
Пред Втората светска војна повеќепати бил претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот 1935 – 1940 е претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје, каде што јавно истапил пред нападите на српската влада дека народот во Македонија не е благодарен на сите добродети што ги направила владата, велејќи дека доколку се остави Македонија на Македонците, тие од нејзе ќе направат цветна градина и развиена економска земја. За неколкуте вакви негови изјави било известено во Белград и тие биле оценети како сепаратистички и автономистички. Тој бил многу почитувана личност во прилепската чаршија.
Уште на почетокот на бугарската окупација, на 26 април, Ченто добива покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Тој ја одбива поканата и наместо тоа одбира да соработува со оние што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори. Неговата продавница за алкохол во Прилеп станува свртилиште на комунистите од градот, поради што бугарските власти во 1942 година го интернираат прво во селото Мелницаф, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот „Чучулигово“, Петричко (Пиринска Македонија).
По неговото ослободување од интернација, Главниот штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември на двапати се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски – Питу, кој успева да го убеди да се приклучи на НОБ.
Од угледен граѓанин во Прилеп кој имал свој приватен бизнис, преку врвиците на тогашната единствена револуционерна сила која се спротивставувала на политиките на кралот-Комунистичката партија, преку голготата на партизанското движење, Претседателствувањето со АСНОМ, прогонот и затворот на тогашните режимски инструменти на моќ во Македонија, Методија Андонов Ченто никогаш не престанал да сонува за обединета Македонија. Македонија во која Македонците ќе бидат свои на своето.
Поради таа своја прекалена борба која ја водел целиот свој живот на 19 август 1946 година бил осуден на 11 годишна казна од страна на Панта Марина (претседател) и Лазар Мојсов и Коле Чашуле. Одлежал 9 тешки години во затвор. Иако му било нудено од страна на режимските власти да признае и да се покае за своите убедувања за да биде ослободен, тој никогаш не се поколебал во своите ставови.
По излегување од затворот на 24 јули 1957 година по само 2 години живот на слобода починал како резултат на болест добиена поради тешките услови во затворот.
Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, е обновен судскиот процес против Методија Андонов Ченто и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов постхумно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија” орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.
Во чест на Методија Андонов – Ченто се подигнати неколку споменици:
– бронзен споменик во центарот на Прилеп, неговиот роден град
– во скопската населба Ченто, именувана по него во 1991 г.
– мермерен споменик на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како дел од проектот за преуредување на градскиот центар наречен „Скопје 2014“.