Современиот македонски литературен јазик од Другарството (1903) до АСНОМ (1944)

Историјата на современиот македонски литературен јазик и правопис не почнува од 1945 година, туку неговите теоретски и практични основи се поставени во Македонското научно-литературно другарство во С.Петербург во илинденската 1903 (1905) година.

Врз основа на Националната програма од 12 ноември 1902 година на новооснованото Другарство, испратена до руската влада и до Советот на С.Петербуршкото словенско благотворно друштво, објавена и во тогашниот печат. Во следната 1903 година е донесен Уставот на Другарството и со член 12 првпат официјално македонскиот литературен јазик е воведен во (задолжителна) службена (писмена и усна) употреба. Тогаш, како практична реализација, најистакнатиот македонски филолог и културно-национален деец и постдипломец на Петербуршкиот универзитет, Крсте Мисирков ја објави првата книга на современиот македонски литературен јазик (“За македонцките работи“, 1903), а две години потоа и првото научно-литературно списание (“Вардар“, 1905), па беа направени постапки и за печатење учебници за побараните училишта на тој јазик во Македонија. Во почетокот на 1913 година претседателот на Другарството Димитрија Чуповски ја објави првата Карта на Македонија на македонски јазик, а во списанието на Македонската колонија во Петроград “Македонскій голосъ“ (Македонски глас) ја објави и својата песна “Крале Марко“ (1914).

Делото на Македонското научно-литературно другарство доби приврзаници сред македонската интелигенција. Во 30-тите години во македонскиот печат се печатат факсимили на списанието “Македонскій голосъ“ (Македонски глас), во јавноста (во трудовите на А.Динев, В.Ивановски, К.Веселинов и други) се глорификува дејноста на К. Мисирков и Д.Чуповски, а Македонскиот литературен кружок во Софија по 1938 година почнува да издава стихозбирки на македонски, готви антологија на македонската современа литература (Жаров, Марковски, Рацин, Неделковски и Вапцаров), а во мај 1940 година со официјално програмско писмо, од името на Кружокот, до Мисирковиот син д-р Борис К.Мисирков, Коле Неделковски го прогласува Македонскиот литературен кружок како наследник на Другарството. Тие се зближуваат со сопругата и синот на Мисирков, ја разгледуваат Мисирковата оставнина, ги пронаоѓаат неговите статии од 1924–1925 година во софискиот печат, ја препишуваат книгата “За македонцките работи“, ја разгледуваат на состанок на Кружокот и испраќаат препис до македонските студенти во Белград за да ја преобјават во Вардаскиот дел на Македонија.

Во Скопје во 1933 година Кочо Рацин ја чита книгата на Мисирков (земена од личната библиотека на проф. Г.Шоптрајанов), го разгледува весникот на Македонскиот клуб во Белград “Балкански гласник“ (1902), каде што првпат јавно се проговорува за македонскиот литературен јазик со фонетски правопис, а самиот ја составува првата своја стихозбирка на родниот јазик (седум години пред “Бели мугри“). Во тие години е формиран илегален македонски литературен кружок во Скопје (МОРО), каде што се разгледува и прашањето за македонскиот јазик, правопис и азбука, а плејада млади македонски интелектуалци пишуваат и почнуваат да објавуваат стихови (и проза) на родниот јазик. Тоа се совпаѓа и со формирањето и дејноста на Културно-посветното друштво “Вардар“ на македонските студенти во Заграб што почнува да го издва и својот орган “Наш весник“ (1937) со стихови на македонски (од Рацин и Попсимов). Таа практика ја прифаќаат и скопските публикации “Луч“ (1937-1938)1 и “Наша реч“ (1939-1941).

Во јануари 1934 година, по барање од самите Македонци, Извршниот Комитет на Коминтерната донесува резолуција за македонскиот јазик, објавена преку органот на ВМРО(Обединета), а истовремено младиот руски славист С.Б.Бернштејн во Архивот во Одеса наоѓа (нецелосен) коректурен примерок од списанието “Вардар“ и го проучува македонскиот јазик и ја објавува првата статија за него во првата советска енциклопедија (1938). Во 1944 година, непосредно по одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, по предлог на Д.Влахов, професорот С.Б.Бернштејн испраќа образложена научна препорака за принципите за формирањето на македонскиот литературен јазик што се засновуваат врз оние на Мисирков, па како нагледен пример цитира и две строфи од Мисирковиот превод на песната “Путник“ од П.Прерадовиќ од списанието “Вардар“ (1905). Писмово Влахов го предал во АСНОМ и стигнало во првата Јазична комисија. Во дискусијата на оваа комисија учествувале неколцина познавачи на книгата “За македонцките работи“, а повеќепати во записникот од Комисијата се спомнува Мисирков и принципите на неговата кодификација. И младиот македонски славист Б.Конески уште одпорано бил запознат со Мисирковата книга, бидејќи како студент во Софија работел семинарска токму за јазикот на Мисирковата книга врз основа на опширната рецензија (од 1904) од неговиот професор А.Теодоров Балан. Исто така, книгата ја познавал и членот на Комисијата д-р Георги Шоптрајанов, како и Ѓ.Киселинов, кој студираше во Одеса и имаше блиски контакти со Мисирков. За книгата знаел и издавачот на второто издание на “За македонцките работи“ (1946) Даре Џамбаз, бидејќи ја добил додека бил во бугарскиот затвор.

По повеќе усложнувања на процесот, во мај 1945 година, врз основа на решението од Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик во службена употреба во македонската држава, по предлог на една нова јазична комисија се донесени законите за македонскиот литературен јазик и за азбуката, кои речиси воопшто не се разликуваат од Мисирковата кодификација.

Во последниот текст во книгата, под недвосмислен наслов “За македонцкиіот литературен іазик“, Мисирков, врз теориски и практични принципи, тргнува од ставот дека при избирањето на дијалектот за подигнување на ниво на литературен јазик не треба да се бараат некакви естетски предимства, зашто “не можит да се зборит за естетичност во іазикот, диалектите и гоорите“, ами “по чисто практични причини, т.е. по стечеін’ето на историко-културните прилики“ треба да го подигнеме “iедно наречиіе на степен на литературен іазик“. Мисирков вели дека “користа, шчо ке ни іа даит нашиiот обшч литературен іазик, ни служит за мерило при избираін’е наречиіе за таіа цел’а, и она іет главниiот фактор при создааін’ето на нашиот нов литературен јазик“. Заради таа општа корист, локалистичките интереси не треба да дојдат до израз, а периферните говори треба да им отстапат место на централните за да се задоволат “обшчите интереси“ и да се однесуваат онака “као шчо се однесуат центрот и столицата на држаата кон краiните окрази и околиiи“. Заедно со сето тоа Мисирков има предвид и еден друг важен фактор: “…Около централното наречиiе требит да се групираат сите наши научни и литературни сили, за да го очистат и обогатат со сокроишча од друзите македонцки наречиіа и да создадат од него и еден убав литературен іазик. На него требит да се создадит и една богата сколиіцка, научна и убаа литература, за да можит преко ниф да се раширит низ цела Македониiа во вид на литературен іазик, коі шчо ке изместит од неіа пропагандцките іазици.“

Тој обаснува и зошто токму “Велешко-Прилепцко-Битол’цко-Охридцкото наречиіе“ го избира за литературен македонски јазик:

    • Прво, затоа што тоа има “историіцки праа“: Битола како резиденција на главниот инспектор на Македонија се претвора во македонска престолнина, која пак не е далеку од старите македонски престолнини Преспа и Прилеп, ниту од седиштето на “до неодамна автокефалниіот Оридцки Архиепископ“.
    • Второ, историските права се засновуваат и врз неговата централна положба “како во географцки, така и во етнографцки однос“. Тоа е само малечко оддалечување од географскиот македонски центар Велес.
    • Трето, овие краишта “сет по оддалечени и от србцкиіот и бугарцкиіот іазикои центрои, состауаіки от себе македонцки iазиков центр“.
    • И четврто, овој централен дијалект “iет іатката на македонцкиiот іазик“, зашто е најсвој од сите други македонски говори и истовремено најраспространет како целина

Вака сфаќајќи го изборот на основата за македонскиот литературен јазик Мисирков образлага:
“Создааін’ето литературен іазик іет дуовна потребност каі нас, со коіа се мислит да се клаит краі на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси, и со коіа требит да се создаит своі литературен и научен центр, за да се немат нужда од Белград и Софиіа. А та тешка задак’а ке се достигнит само, ако македонецот от северна Македониіа подаит рака на своіот брат од іужна Македониіа и македонецот од источна Македониіа подаит рака на тоі од западна. Подадените раци ке се прекрстат около Прилеп-Битол’а.“

Филолошкиот усет и зрелата национална мисла на Мисирков се изразуваат и во однос на македонскиот правопис. Правилно разбирајќи го историскиот развиток на македонскиот народ и со него на македонскиот писмен јазик и правопис, тој застанува на становиштето дека македонската преродба бара и македонскиот литературен јазик и македонскиот правопис да бидат слободни од “некоiи традициіи, коіи не сет согласни со современото стаін’е на разгоорниiот іазик“. Тргнувајќи од “та тенденциіа, коіа ке не раководит нас при нашето национално возродуаін’е“, Мисирков ги резимира своите излагања во книгата во збиени заклучоци што ја покажуваат неговата подготвеност и компетентност за решавање на овие проблеми. Затоа тој смета дека е неопходно:

“…прво, Македониіа да се неутралисат за Бугариіа и Србиіа и да се оддалечит іеднакво од двете држаи и друго, она требит да се обіединит на іазична осноа. Тиіе принципи ке ракоодат изработуаiн’ето на литературниіот наш іазик; они ке ракоодат и праописот. На тиіе два принципа одгоарат: 1, Прилепцко-Битолцкото наречиiе за литературен iазик, као іеднакво далеко и от србцкиіот и бугарцкиіот iазици, и централно во Македониіа. 2, фонетичниіот праопис со употребените во таіа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиiата и 3, речничниіот материiал да іет собраін’е от сите македонцки наречиіа.“

За да се види колку темелно, правилно и далекувидно погледнал Мисирков врз македонскиот литературен јазик и правопис, за споредба ќе ги наведеме трите принципи што ги усвои Комисијата за јазик во мај 1945 година:

“1. Во македонскиот литературен јазик треба да се установат оние форми од централните говори што во најголема степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно приемливи за луѓето од сите наши краишта.

2. Во македонскиот литературен јазик треба до најголема степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки, и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заемки.

3. Македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.“
Во однос на прецизирањето на говорите што ги зема во основата на македонскиот литературен јазик, како што забележа и Блаже Конески, постои колебање во поглед на охридскиот говор. Мисирков сака бездруго да го вклучи и него заради историското значење на овој град, но охридскиот говор се коси со некои фонетски и морфолошки пинципи што ги зеде во литературната норма. Тоа ќе стане поизразито во списанието “Вардар“, заради што ќе направи и една основна отстапка во својата азбука воведувајќи факултативен изговор на еден нов знак за темниот вокал што како посебна графема го формира од а со цртичка под него. Инаку, азбуката на Мисирков ги содржи скоро истите знаци што ги има и денешната наша азбука, со исклучок на ѕ и џ, кои ги предава со дз и дж.

Значајно е што тој ги создава знаците на меките консонанти во нашиот јазик: к’, г’, н’, л’. Бидејќи во “Вардар“ знакот за мекост е пишуван над самите букви (5 3 / 1), може да се мисли дека и во книгата се напишани така поради графичко-технички причини. Во нашиот современ стандард наместо 3 и 5 (од други, нефилолошки причини) се земени српските графеми љ и њ.

И како што две години по озаконувањето на современата кодификација филолозите Б.Конески и К.Тошев во 1948 година објавија нов Правопис, покрај другото заменувајќи ја глаголската форма -уе со -ува, така и Мисирков по две години во списанието “Вардар“ ја изврши истата промена и го одбегна елидираното интервокалнo в.

Следствено, современиот македонски литературен јазик и правопис не е создаден ни од Коминтерната ни од Тито, ниту во 1945 година, туку е буквално преземен од научно образложената кодификација на К.П.Мисирков од 1903 и 1905 година и со тоа се продолжува неговата историја за скоро половина столетие. МАНУ, 28. XI 2014. Блаже Конески

_________________

 

Напишал академик Блаже РИСТОВСКИ
Зборник трудови, по повод 70 години од Првото заседание на АСНОМ, 28 ноември 2014 година, МАНУ и Институт за национална историја

You May Also Like