По кусо боледување во Скопје почина д-р Александар Стојчев, универзитетски професор и воен историчар. Проф.д-р Александар Стојчев е роден на 5 април 1975 година во Белград.
Дипломира во 2001 година на Одделот за Историја при Филозофскиот Факултет на Државниот универзитет “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје како професор по историја.
Во 2002 година завршува Семинар на Партнерството за мир на тема “Употреба на интернетот од страна на учесниците во меѓународната безбедносна политика“, во организација на Владата на Швајцарија и кабинетот на Претседателот на Република Македонија. 2002-2003 година завршува Школо за резервни офицери на Воената академија “Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
Од 2002 до 2006 година Стојчев е асистент по предметот “Воена историја“ на Воената академија “Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Во 2006 година магистрира историски науки на Институтот за национална историја при Државниот универзитет “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на тема “Дојранските позиции на Македонскиот фронт 1915-1918 година“,
Од 2006 година е раководител на Службата за воена историја при Воениот музеј во Министерството за одбрана на Македонија.0 Докторира историски науки во 2009 година на Институтот за национална историја при Државниот универзитет “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на тема “Македонскиот фронт 1915-1918 година“.
Во 2009 година е избран за доцент по предметот “Воена историја“ на Државниот универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, истовремено и за предавач по предметот “Воена историја“ на Воената академија “Генерало Михаило Апостолски“ во Скопје.
Од 2012 година е предавач по предметот “Балканските војни и Првата светска војна“ на Државниот универзитет “Гоце Делчев“ во Штип, а во 2013 година е избран за вонреден професор на Државниот универзитет “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје по предметот “Воена историја“. Во 2012 година се стекнува со Сертификат за учество на Програма за лидери за меѓународни посетители (IVLP) на тема “Разрешување на конфликти“ во организација на Стејт департментот на повеќе локации во САД.
Д-р Александар Стојчев е автор на повеќе книги и публикации: заедно со татко му проф.д-р Ванче Стојчев “Воената историја на Македонија, Мапи“ во издание на Воената академија “Генерал Михаило Апостолски“, Скопје, 2004 година; “Дојран 1915-1918 (Воени операции)“ во издание на Институтот за национална историја, Скопје, 2007; “Нобеловците и АРМ за мирот“ во издание на Воениот музеј, 2011 година; “Студија за формирање на Музеј на Првата светска војна во Дојран“ во рамките на проектот ‘Претворање на линиите на поделба во точки на спојување’ на ИПА за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Македонија – Општина Ќустендил и Општина Дојран, Дојран 2012 година; и капиталното дело заедно со неговиот татко проф.д-р Ванче Стојчев “Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“ во издание на Институтот за национална историја, Скопје, 2013 година.
Проф.д-р Александар Стојчев е автор на повеќе музејски изложби и публикации, член на организациони одбори и учесник на повеќе меѓународни научни конференции во земјава и во странство, учесник во меѓународни научно-истражувачки проекти, автор на повеќе научни и стручно-апликативни трудови, како и автор на текстови за сценарио и говорник во повеќе документарни и популарни телевизиски емисии од областа на историската наука.