Македонија чествува 115-те години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република. Илинден е основата на македонската историја.
Интересно е да се каже е дека првото чествување на Илинденското востание во Крушево било точно пред 100 години во 1918 година, на крајот од првата светска војна и по повод 15 години од Востанието.
Иницијалната пробната прослава за Илинден во Крушево се случила во 1916 година, а официјалната била точно пред еден век, во 1918 година, според директорот на Историскиот музеј – Крушево д-р Зоран Богески.
Тогашниот кмет на Крушево и учесник во илинденското востание, Наум Томалески од тогашната комисија, формирана од македонската миграција во Софија, добил задача да го организира прославувањето на Илинденското востание за Илинден. Томалевски се обратил со наредба до месното население. Во прогласот било наведено:
„Градот да добие свечен лик, да се истакнат црвени знамиња, јамболиите по балконите на куќите, крушевските дуќани тој ден да бидат зартворени бидејќи ќе се празнува Голем и Значаен празник од Историјата“, било наведено во прогласот на Томалевски.
Програмата била испечатена и поделена меѓу месното население. Се предвидувало и посета на значајните места, како Мечкин Камен, Куличе, со предивдена панихида за загинатите илинденци.
На панихидата, одржана во крушевската црква – Успение на пресвета Богородица, а потоа и во сите крушевски цркви, присуствувале најблиските на загинатите илинденци, како и преживеаните од Востанието.
Поканети биле да земат учество и еминентни професори со свои трудови, меѓу кои Ѓорѓи Поп Христов, Павел Христов, значајни револуционери кои најчесто дејствувале во Битолскиот револуционерен округ (но не стигнале на прославата). Со прогласот било наредено да се затворат дуќаните, тој ден да не се работи, населението да земе масовно учество во прославата, да присуствува на местата да ќе се одбележува.
Со чествувањето се потврдило дека тој значаен датум, тој значаен ден од локалната, па и национална историја на населението, навистина оставил трајни белези и бразди во неговото паметење со кои населението го канализирало сопственото постоење и сопствениот континуитет на овој простор.
Поминале скоро половина век, поточно 49 години до повторното востановување на прославата на празникот. Првите иницијативи за одбележување во поновата историја, биле во мај 1967 година, ја продолжува приказната за прославата на Илинден новинарот, истражувач и директен учесник од историските настани, Кочо Топузоски.
Првата прослава била пред црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, која била запалена по задушувањето на Востанието, а 1905 година обновена.