Џамаларските обреди се едни од обредите кои се најистражувани, а се останати како такви и до ден денес.
Џамаларскиот обичај може да се сретне под многу имиња како: во Тиквешијата, Скопско поле, Жеглигово, Железник, Козјачија, Малешево – бабари, во Охридско, Струшко, Дримкол – василичари, во Егејска Македонија – ешкери, во околината на Струмица – суровари, кај Мијаците, во Пијанец, Малешево, Преспа, Дебарца – сурати, во Кичевија – странци, во Мавровско поле – бубачки и в’мпери, во Прилеп и Бабуна – мечки или мечкари, во Мариово – камилари, камилџии или древло сирма.
Џамаларскиот обичај се изведува во периодот од тринаесетти до осумнаесетти јануари. Учесниците кои се собираат во голем број се мажи и нивната игра, поточно нивната поворка се изведувала исклучиво преку ден. Карактеристични маски кои се користеле во ова игра поточно во овој обичај се: дедо, баба, девојки, момчиња, доктор, невеста, а во поново време може да се сретнат и свекрва, кумови.
Во секое село џамаларите имаат свој водач наречен јаудија, кој секогаш бил оженет – домаќин човек. Наутро сите се собирале кај својот домаќин, кој се избирал претходно и кај кого се подготвувале за големиот настан. Тука ги облекувале своите маски како на пример: дедото бил облечен во стара искината облека, носел брада и мустаќи од волна или од стара исушена брада од пченкарни кочани, на главата носел капа од кожа, а на нозете и на половината му се закачувале клопотарци (ѕвонци) во рацете држи кросно.
Бабата е облечена во женска облека, под шамијата носи плетенка исплетена од слама, а во рацете носи ќудела со која ги тепа синците и дедото во текот на играта. Коњот е облечен во стари алишта и кожуви превртени наопаку, со коњски зобник или со некоја стара торба на глава, на нозете му се наврзани парчиња од стари облеки или кожуви превртени наопаку, а на вратот и на телото му се закачени ѕвонци.
Интересно е тоа што во џамаларската игра нема некои сложени чекори или многу играчки образци, повеќето од орото е глумење. Тоа изгледало вака:
Групата предводена од својот водач со свирки од гајди го најавува доаѓањето во некоја куќа, а кога домаќинот ќе се сложи да ја прими групата тој прв заигрува, а по него старецот и неговите синци. Тие го играат Џамаларското оро, а кога ќе заврши џамаларското оро тогаш старецот како родител на синците им вика:
,,Слушајте синце, домаќин татко даје једну канту пшеницу – буричка со машата во огништето и благословува – колку зрнца – толку к’смет да биде, колку добици у поље – толку јуници у шталу, колку желки у поље – толку ќерки у куќу, колку клинчиња – толку синчиња, колку шајчиња – толку бајчиња…”
Понатаму играта се изведува со грабнување на некое девојче од страна на момчињата, но дедото го чува девојчето и не им дозволува на беќарчињата да го грабнат и во меѓувреме фрла по нив со пепелта која Што ја носи во торбата.
Следниот чин е умирањето на старецот, чија смрт е предизвикана со удар од стап од беќарите, од бабата или пак смртта е предизвикана од борба помеѓу двајца старци. На некои места умирањето на старецот е прикажано со умирање на коњот кој за да оживее морал да биде даруван од страна на домаќинот. Откако умрениот ќе го добие тоа што сака тој оживува и играат уште едно оро со кое се збогуваат и одат во друга куќа. Потоа џамаларите одат во сите куќи и откога ќе го свртат целото село тие се збираат во куќата на домаќинот и ги делат продуктите.
Вака изгледала џамаларската игра во скоро сите предели со мали разлики и ли со различен редослед на настаните или на маските. Денес џамаларската игра е преработена во забавен и комерцијален карактер. Поточно се прават разни карневали кои се темелат на џамаларските игри што се правеле некогаш.
Автор: Драган Спасов
Copyright: Jugoslav Belada Photography