Цар Самуил (1)

По смртта на цар Симеон, царската власт во Бугарија ја презел Петар кој владеел од 927 до 969 година. Со доаѓањето на власт, цар Петар склучил договор со Византија со кој било пристапено кон триесетгодишен мир, а договорот бил поткрепен со брак помеѓу бугарскиот цар и внуката на Роман Лакапин, Марија која го добила името Ирина („мир“).

Со овој договор на царот Петар му била призната царската титула, на бугарската црква и бил признат патријаршиски статус, а Византија се задолжила да плаќа едногодишен данок. Набргу потоа бугарското царство било зафатено од внатрешни немири.

Во 930 година бил кренат бунт против цар Петар од најстариот син на Симеон, Михаил, брат на Петар, којшто бил лишен од престолонаследството и  испратен во манастир, но востанието било задушено поради неочекуваната смрт на Михаил. Освен со внатрешни, Петар се соочил и со надворешни неприлики. При нападите на Унгарците и Печенезите врз Бугарија, Византија не ја пружила својата ветена помош. Тешкотиите со Унгарците ги почувствувала и Византија обвинувајќи ја Бугарија за продорот на Унгарците кон Константинопол. Царот Петар, со цел да ја смири сета таа ситуација на политичка тензија ги испратил своите синови Борис и Роман како заложници во Константинопол.

Сепак заострувањето на односите помеѓу бугарското царство и Византија довело до војна. Откако Никифор Фока во 967 година го избркал пратеништвото кое Петар го испратил за да го собере едногодишниот данок кој Византија била обврзана да и го исплаќа на Бугарија, тој ја нападнал бугарската држава, но брзата реакција на Бугарите го принудиле да се повлече. За да го ослаби непријателот, Фока со пари и многу дарови го натерал киевскиот кнез Свјатослав Игоревич да ја нападне Бугарија.

Во војната со Русите, Бугарите биле поразени, а веќе во 969 година царот Петар починал. Централната бугарска власт била обезглавена. Таквата ситуација ја искористил Свјатослав и освоил 80 бугарски утврдувања. Ваквото воено зајакнување на киевскиот кнез Свјатослав се разбира ја исплашило Византија поради што Византија во неосвоената бугарска престолнина, Преслав, за цар го крунисала синот на Петар, Борис,  откако претходно ги ослободила него и брат му Роман.

Истата година, кога умира цар Петар ( 969 година ), комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самуил креваат востание со кое сакаат да ја отфрлат бугарската власт и на тој начин да се осамостојат.

Со тоа се објаснува и византиската политика кон Борис и Роман кои освен тоа што биле ослободени заради војната со кнезот Свјатослав, биле ослободени и заради задушување на востанието на комитопулите.

Зошто ги спомнувам комитопулите ?

Со оглед на тоа дека бугарските историчари комитопулите ги сметаат како дел од бугарската национална историја се смета и дека едниот од нив, Самуил, по смртта на своите браќа станал владетел, подоцна наречен „цар на Бугарите“.

Но во однос на тоа  дали Самуил може да се смета за бугарски цар и да се изучува во состав на бугарската национална историја во понатамошниот текст ќе приложам неколку ставови заради кои сметам дека Самуил не бил бугарски цар. Првата работа која ќе ја спомнам е тоа дека комитопулите од страна на бугарските историчари Павлов, Тјутјунџиев, Пангурски, Божилов и Ѓузелов се изучуваат од 976 година т. е. од востанието кое комитопулите го кренале за целосно да се отстрани византиската власт.

А што е со годината 969 кога комитопулите кренале востание за да ја отфрлат бугарската власт ?

Се разбира комитопулите користејќи ја зафатеноста на Византија и Бугарија со Киевска Русија креваат востание со цел да се ослободат од  бугарската власт. Тука се поставува следното прашање:

Доколку комитопулите биле етнички Бугари, а не политички термин кој тогаш се користел за сите народи кои влегувале во политичките граници на Бугарското Царство, зошто не биле заинтересирани со воените сили кои ги поседувале да и помогнат на Бугарија и да ја преземат власта во свои раце, туку сакале да се одвојат и осамостојат за сметка на воено и политички ослабеното Бугарско Царство ?!

Овие прашања нѐ насочуваат кон прашањето :

Дали Самуил бил бугарски цар и доколку бил бугарски цар дали Иван Владислав,  неговиот внук од брат, е последниот бугарски цар на Првото Бугарско Царство ?

… (продолжува)

автор: Филип Вачков

You May Also Like