Во организација на Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ – Скопје на ден 18.04.2013 год. (четврток), во Музеј на град Скопје, со почеток во 19:00 часот ќе се одржи предавањето „Илинденско востание: историографски дилеми и контроверзи“, од проф. Д-р Ванчо Ѓорѓиев.
Повод: 120 години од формирањето на МРО и 110 години од Илинденското востание претставува појдовна основа во организираната револуционерна броба на македонскиот народ за самостојна држава. Меѓутоа, од дeнешна дистанца – 110 години потоа – се чини дека сè уште постојат одредени стеротипни сфаќања околу донесувањето на одлуката за востанието. Како во историографијата, така и во печатените и електронските медиуми се уште кружат застарени стеротипи и оценки во смисла на легитимноста на одлуката за востание; дека истата била наметната од поедини авторитети; дека е донесена одлука за предвремено востание; различни перцепции за (не)погодната меѓународна ситуација, и други прашања и оценки кои во извесна смисла дури го девалвираат самиот чин на востанието, иако истовремено го величат како највисок дострел во револуционерната борба на македонскиот народ за независна македонска држава.
Имајќи ги предвид постојните дилеми и контоверзи, како и интересот на јавноста за овие прашања, Центарот за научно истражување ХАЕМУС реши да го покани проф. Д-р Ванчо Ѓорѓиев да одржи предавање на гореспоменатата тема, за тој да ги сподели со јавноста своите видувања и сознанија во врска со споменативе прашања.
Инфо за предавачот: Ванчо Ѓорѓиев е македонски историчар и професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, при Филозофскиот факултет на катедрата за историја во Скопје, Македонија. Неговиот научен интерес првенствено е насочен кон Македонското револуционерно национално ослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век. Професорот Ѓорѓиев е автор е на повеќе публикации, книги и монографии, а во врска со историската наука честопати настапува во електронските и печатените медиуми.
Во контекст на овој настан, на денот на предавањето (18.04.2013), последната книга на проф. Д-рВанчо Ѓорѓиев со наслов “ВМРО, 1893-1903, Поглед низ документи” во издание на Матица македонска, по промотивна цена од 500 денари ќе се продава во нивните два продажни салона.