Научен собир на млади македонисти

Од 16 до 18 мај 2013 г. на Филолошкиот факултет Блаже Конески ќе се одржи Осмиот научен собир на млади македонисти.

Овогодишниот собир се карактеризира како посебен од најмалку две причини:
а. со него се одбележува 20-годишнината од одржувањето на првиот собир – тоа е и причината поради која се отстапи од двогодишната динамика (претходниот се одржа 2010 год.);

б. на предлог на Катедрата за македонски јазик, усвоен од Наставно-научниот совет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, собирот ќе добие уште една одредница во својот наслов: Конференција во чест на Лилјана Минова-Ѓуркова. Со ова ѝ изразуваме благодарност и чест на личноста што беше иницијатор и поддржувач на овие собири.

Според активностите што се одвиваат во моментов, за овогодишниот собир се пријавени над 50 учесници, од кои 19 странци. Што се однесува до учесниците од странство, наша обврска е да им обезбедиме сместување (4 ноќевања). Во тек е изработка на програмата на собирот, како и планирање на другите придружни подготовки.

—————————

Кус историјат на собирот

Првиот научен собир на млади македонисти се одржа на 20 и 21 мај 1993 година на Филолошкиот факултет во Скопје. Иницијативата за организирање на ваков собир ја даде проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, член на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, која, пак, едногласно ја усвои и ја презеде обврската за организација на собирот. Основниот концепт на собирот беше тој да претставува научна средба на млади научни работници чија прва или втора специјалност е македонскиот јазик, со идеја да се одржува на секои две години и да прерасне во традиција на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Идејата се оствари со следниов редослед: во 1995 год. се одржа Вториот научен собир на млади македонисти, 1997- Третиот, 1999 – Четвртиот, по кој дојде до прекин во динамиката од оправдани причини. Традицијата се обнови во 2006 година со одржување на Петтиот научен собир, по кој следуваше Шестиот – 2008 и Седмиот – 2010. На овие собири учествувале над 300 млади научни работници.

You May Also Like