Баргала

На околу дваесет километри североисточно од градот Штип, на месноста Горни Козјак (општина Карбинци), во непосредна близина на селото Козјак и Козјачка река, се наоѓа археолошкиотлокалитет Баргала. Координати: 41.799675, 22.290031. Google map.

Локалитетот се простира на површина од околу пет хектари. Со ископувањата е започнато во 1966 година, а истите продолжуваат и до ден денес.

Доцноантичкиот град Баргала којшто постоел на тоа место бил основан во IV век. Првично бил воен логор, а подоцна прераснал во развиен цивилен град. Градот бил опкружен од високи ѕидини (дел од нив се реконструирани), дебели 2.3 метри и укрепен со 20 стражарски кули.

Бил еден од позначајните доцноантичи градови на територијата на денешна Р. Македонија, а својот најголемиот процут го имал за време на владеењето на Јустинијан I (527-565).

На самиот локалитет се пронајдени повеќе значајни артефакти кои се чуваат во штипскиот музеј. Меѓу нив е и изрезбана дрвeна плоча со претстава на луѓе, лавови и геометриски форми, којашто е најстариот (IV век) артефакт изработен од дрво пронајден во Р. Македонија.

На локалитетот е откриена винарска визба од VI век и три ранохристијански базилики. Се смета дека Баргала била седиште на првата епископија во брегалничкиот регион.

Прва откриена базилика е епископската, втора е онаа надвор од градските ѕидини (во близина на главната градска порта), која била во функција на жителите на надворешниот дел од градот и трета е онаа во централниот дел на градот која служела за секојдневни ранохристијански обреди.

 

Во соработка со: Еди Ребел

Фото: Александар Стеванов

You May Also Like